Убавото во мојава професија е што имам можност да се впуштам во нешто и не знам каде ќе ме однесе, како некаков тобоган. Најбитен ми е првиот контакт со сценариото. Кога го прочитав ова сценарио, сфатив дека пред себе имам голема улога. Како да застанав пред море во кое има милион можности и може да се почне од каде било, вели Ангелов за искуството во филмот на Владимир Блажевски, „Година на мајмунот“

Ана Опачиќ

Игор Ангелов, или Цветко од „5+фамилија“, Коста Бузалевски од „Преспав“, Цобе во последниот филм на Владимир Блажевски – „Годината на мајмунот“… Игор е филмско-телевизиско-театарско лице и во секој од тие ангажмани го гледаме во поинакво светло, но тоа што го открива е неговиот мустаќ, мустаќ за кој уште од млади денови легендата Благоја Спиркоски-Џумерко го подучувал како да го одржува, што ни потврдува и репликата на Искра Ветерова во една од епизодите на „Преспав“, каде што го споредува мустаќот на Игор со мустаќот на Мате Мишо Ковач. Игор е влезен во нашите домови веќе одамна со неговите ТВ-ангажмани, а исто така цело време активно игра претстави во својот матичен дом, Драмскиот театар, каде што моментално игра во претставата на Нела Витошевиќ, „Странци“. Настрана од светлата на камерите Ангелов живее понастрана од центарот на Скопје, во семејната куќа со убава градина, не трошејќи го своето време на социјалните мрежи, бидејќи, како што и самиот кажува, не може да седи на столче толку долго и секој пат му се чудни колегите и пријателите што по цели ноќи играат игри на компјутер. Наместо тоа, Игор е насочен кон спортот, последните пет години е член на Стобул, аматерско атлетско друштво, каде што трча маратони и полумаратони, а во периодов се подготвува еден таков во Софија, па затоа и не нѐ чуди што честопати и по 12-часовно снимање не си оди дома со организираниот превоз, туку фаќа воздух и трча до Бардовци.

По премиерата на „Скопје филм-фестивал“, публиката имаше можност да го гледа филмот „Година на мајмунот“ и во киното „Синеплекс“ и да се запознае со главните актери од филмот. Како помина средбата со публиката?
– Интересна работа е дека публиката различно реагираше на премиерата во киното „Милениум“ од онаа во „Синеплекс“, каде што по проекцијата имавме средба со публиката. На премиерата присуствуваа луѓе што се подготвуваат да одат на премиера, најголем дел од нив се и филмски професионалци, но ме зачуди втората проекција, каде што реакциите беа такаречено огнени, имаше многу повеќе реакции од публиката. Мислам дека убаво го прифатија филмот. По проекцијата најмногу беа заинтересирани за мајмунот, за неговата маска, дали е тешко да се глуми со мајмун. Баш логични прашања за публика што била надвор од процесот на создавањето на филмот.

Според кој критериум одбирате да учествувате во некој проект и како изгледаше аудицијата за улогата на Цобе, главниот лик во филмот?
– За аудицијата добив покана, ми се јавија, тоа кај нас најчесто оди така. Ми дадоа текст што требаше да го научам, без да знам за која улога станува збор, не добив целосно сценарио и немав целосна слика за улогата што треба да ја играм на аудицијата. По две недели од првата средба ми јавија дека сум ја добил улогата. Јас знаев дека Владо снима филм, ама тоа беше сѐ, не знаев многу детали. Не ми дадоа повеќе материјали, па да можам да се подготвувам, да го разработувам ликот и слично. Дури отпосле сфатив од едно друго интервју на Владо што го прочитав, дека ме барал за друга улога, а сум ја добил главната. Така што барем во овој случај нема правила. А во принцип кај нас има дефицит од снимања, не снимаме многу. Најважно ми е кога ќе слушнам кој ќе снима, кој ќе работи на проектот, кој ме вика. Тоа е првиот критериум, потоа доаѓа сценариото, работата што ти ја нудат мора да ти се допадне, и на крајот е финансискиот дел. А ми се случувало да ми се допаѓаат екипата и сценариото и да работам без буџет, секогаш сум поддржувал такви проекти, секогаш сакав да снимам за студенти и не бегам од тоа, баш спротивно, мислам дека тоа е добро за сите нас.

Значи, со Владимир Блажевски се знаевте од порано?
– Да, да, се знаевме од порано. Мене директно не ми предаваше, ама долги години се знаеме. Редовно доаѓаше на претставите и е еден од ретките филмски режисери што ја следи театарската сцена, а особено ги гледа оние вонинституционални проекти. Го сака и го разбира театарот. Тоа е реткост, затоа што многу филмски режисери кај нас имаат некаква одбивност кон театарот како медиум, кон начинот на глума, како изразна форма.

Колкав психофизички предизвик ви беше да играте личност што поминува низ некои од најтешки животни ситуации што можат да му се случат на човекот – загуба на саканата личност, загуба на работното место…?
– Сега, кога зборувам за ова улога, од една дистанца, морам да кажам дека немам некој посебен метод што го имам воспоставено како актер за градење на ликот. Тоа го немам ни кога работам во театар. Убавото во мојава професија е што имам можност да се впуштам во нешто и не знам каде ќе ме однесе, како некаков тобоган. Најбитен ми е првиот контакт со сценариото. Кога го прочитав ова сценарио, сфатив дека пред себе имам голема улога. Како да застанав пред море во кое има милион можности и може да се почне од каде било. Во таквите моменти битен е контактот со режисерот. Му посакувам на секој мој колега актер да има таква можност да работи со режисер како Блажевски. Владо е толку мек човек, не можам да го објаснам тоа, толку суптилен и на толку едноставен начин знае да те поведе и воведе во целата таа работа. На филмски проекти што траат подолго време, како овој, за актерот е многу тешко да внимава на континуитетот, затоа што сценски не се снима редоследно од почеток до крај, туку се почнува со 50-та сцена, па се враќа на 30-та, па втора, па 70-та. Тоа е како човек да спојува мозаик, но Владо тоа лесно го водеше.
Генерално, да се вратам на прашањето, немам некаков метод, ниту шаблон, можеби поради моето искуство, што сѐ уште е скромно, но многу е важно интуитивното поврзување со ликот и со режисерот. Довербата е најважна. Не само за ова, туку за сѐ во животот. Не ми беше напорно, би снимал уште 100 дена. Сосема е различно од театарот. Не доаѓаш на проби да го разработуваш ликот. На филм има многу чекање во денот дури се спрема кадарот, па многу менување локации, физички е тешко, но кога си главна улога, сите те чуваат, те штитат под чадори, те мачкаат со кремови за сончање, јадеш убава храна…

Во филмот Марија Кон ја играше вашата тетка. Каков однос изградивте со неа?
– Тоа беше одлично искуство. Марија навистина е прекрасна личност, извонредна актерка, на некој посебен начин го прави тоа што го прави и мислам дека има поинаков метод или сензибилитет од нашите постари актерки, со сета почит кон нив. Веројатно нејзиното искуство како филмска актерка го прави тој пристап така што знае да ја спушти работата, не е многу силна пред камера. Со оглед на годините таа е одлична, има над 80 години, а имаше над 40 снимачки дена. Алал како издржа, навистина во таа животна доба не е лесно да се седи по 12 часа на сет и да си буден до сабајле, а камоли да се снима и да се игра голема улога. Некако кога се гледаш со некој човек по цел ден се создава посебна енергија и мислам дека таа енергија, без оглед на големата возрасна разлика, се чувствува во филмот, се гледа таа поврзаност. Имаше многу смешни моменти, не знам од каде да почнам. Луѓето на тие години честопати забораваат, така што имаше ситуации кога таа прашуваше: „А тко је онај велики, онај високи? Што он тражи овдје?“ На моменти сосема забораваше кој сум. Па не можеше да запамти текст, што е нормално за жена во тие години, јас не го памтев текстот, а не таа. Нонстоп ни раскажуваше за Лопуд, островот од каде што доаѓаше, па ни кажуваше дека таа кога била млада чувала мајмун…

Какви луѓе сме ние кога еден мајмун ни држи лекција?
– Ох, изгледа дека на сите ни треба по еден мајмун да ни го направи она што ни го прави нам мајмунот во филмот за да се свестиме. Види какви луѓе сме, какво општество сме… тоа е убаво прикажано во нашиот филм. Мајмунот е тој што треба да нѐ отрезни, да нѐ чукне да размислиме и да сфатиме кои сме, да се погледаме во огледало и да видиме колку сме глупави. Мајмунот е нешто што претставува слика на целото општество, на сите наши манири и работите што ги правиме и што ни се случуваат.

Се нема шанса да се игра со мајмун секој ден…
– Чудно е, уште кога разговаравме со режисерот ни беше важен тој однос, тие допири, тоа смирување, јајцето што го јаде или начинот на кој му читам. Мајмунот, колку и да претставува метафора, е вистинско животно, и како партнер треба да функционира со мене. А од друга страна, тоа не е вистински мајмун, тоа е актер, пред да влезе во костимот, кој е прекрасно направен, тој е човек што разговара со мене, разговараме на друг јазик, тој е дојден од странство, професионалец што ја работи исклучиво таа работа. Но, штом почнуваме да работиме и се вика акција, почнува кадар и пред малку си разговарал со човекот-актер, а сега реагираш и дејствуваш со мајмун. Чудна е самата текстура, кожата кога го допираш, неговиот поглед…
Секогаш сум чувал куче дома и се повикував на тоа искуство, но ова сепак е нешто поинакво, шимпанзо што е човеколико, има манири и на сличен начин ги искажува емоциите како и човекот. Многу е посличен, поблизок до нас отколку кучето, мачето или некои други домашни животни. Ова искуство е различно, со актер си враќате реплики, тука мора да се конектираш на ниво на енергија, на допир. Баш како и во природа каде што животните не го разбираат нашиот јазик, ама ја препознаваат енергијата. Мислам дека тоа го постигнавме и за тоа е виновен актерот што беше во тој костим Питер Елиот и кога почнавме да разговараме за тоа какви се мајмуните всушност, што сакаат, што не сакаат, како покажуваат радост, страв, тој ни помогна бидејќи го познава нивното однесување, анатомија и антропологија. Ја знае целата биологија на тоа животно.

Неблагодарно е да се одбере само една личност од филмот со која работевте, но со кого се поврзавте на прва?
– Со Береда имавме многу заеднички сцени и одлично функционираме, иако сме сосема спротивни, јас со една жална сериозност, а од друга страна ликот на Љатиф е ликот на наивец што на друг начин зрачи со хумор, ама како партнери, мојата потиштеност со негова добрина донесе еден несекојдневен хумор, кој многу ми се допаѓа. Од друга страна, сите ликови се некако однесени до коска, до работ. Многупати се прашував дали навистина е ова реалноста во 2016-та, ваква зоолошка, комбиња, сѐ направено до крајност, боите се такви и музиката е таква. Сѐ изгледа по малку надреално, апсурдно.