Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сашо Цветковски, историчар на уметноста

Сашо Цветковски, научниот советник во истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, вели дека сѐ уште не е целосно истражен големиот опус на Дичо Зограф, нашиот најзначаен зограф од времето на преродбата. Цветковски укажува дека тоа го покажале и излагањата на неодамнешниот научен собир, каде што беа презентирани нови и досега непознати идентификации на иконите на Дичо

На актуелната изложба на икони на Дичо Зограф во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите, отворена по повод 200-годишнината од неговото раѓање, презентиран е фасцинантен избор од неговото творештво, кое говори многу за овој македонски најпознат и најдаровит зограф на 19 век.

Како го толкувате големото внимание што го предизвикуваат неговите дела во научните кругови во земјава и во странство?
– Научниот интерес кон делото на Дичо Зограф во балканската историографија се следи уште од времето меѓу двете светски војни. Во тој период доаѓа до првите откритија на негови икони, записи и ктиторски натписи во црквите од малореканскиот крај, иконите од црквата „Св. Богородица“ во Скопје и соборната црква во Врање. Процесот на евидентирање и регистрирање на иконите во Македонија во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век овозможи да се согледаат обемот и распространетоста на неговите дела, а кон посериозно истражување на неговото дело се пристапи последните дваесетина години. Истовремено се следеа и откритијата на негови дела и во соседните земји, особено во Бугарија и во Србија. Последните десетина години истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ (ИЦКН) при МАНУ, низ своите теренски истражувања го прошири кругот на истражувањето, а негови дела, икони, откривме на Косово, во Грција, во неколку цркви во околината на Солун, и во Албанија, во црквите во Елбасан. На овој начин се воспостави прецизна и целосна топографија на откриените и идентификувани икони. Се покажа дека неговиот опус е фасцинантен, со зачудувачка продуктивност, а просторите до каде што стигнале неговите дела ги надминуваат границите на денешна Македонија и се протегаат речиси низ целиот Балкан. Од Дебар, Охрид, Скопје, Сандански преку Солун, Врање, Вучитрн и Бањска на Косово, па до Видин, Кула и Лом и Дунав на север. Но, сепак, најголемиот интерес и најголемите резултати во проучувањето на неговото дело и неговиот исклучителен опус се постигнати кај нас во Македонија.

Научен советник сте во истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“, кој го носи името на академикот што голем дел од своето творештво како историчар на уметност го посвети токму и на проучувањето на творечкиот пат на Дичо Зограф. Што усвоивте од него при вашите истражувања на Дичо?
– Имав можност проф. Цветан Грозданов како апсолвент во 1994 г. да го следам на првите негови посериозни истражувања на живописот на Дичо Зограф во малореканските села Тресонче и Росоки, а потоа и во Лазарополе. Сѐ уште ми е свежо воодушевувањето што го споделувавме од новите откритија и сознанија што се прошируваа. Професорот наредните години објави повеќе прилози и студии посветени на одредени тематски особености на живописот на Дичо Зограф, а во 2004 г. тој ја објави и книгата „Културата и уметноста од 19 век во Западна Македонија“, која ги постави темелните насоки за идните истражувања и го презентира најприфатливиот методолошки пристап кон истражување на делото на Дичо, но и пошироко делото на дебарско-мијачките зографи. Тоа многу ни ги олесни нашите истражувања, кои од година на година се прошируваа и добиваа на интензитет. Но сѐ уште не можеме да говориме дека целосно го истраживме тој голем опус на овој наш најзначаен зограф од времето на преродбата. Тоа го покажаа и излагањата на неодамнешниот научен собир во МАНУ, кој беше одржан во рамките на проектот „200 години Дичо Зограф“, каде што се презентираа нови и досега непознати идентификации на негови икони.

Во каква состојба се денес иконите на Дичо Зограф во Македонија, но и во Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција, каде што тој работел со својата тајфа?
– Неговиот фасцинантен опус од приближно 2.000 икони и неколку поголеми фрескоансамбли укажува на едно обемно дело што ние се трудиме, преку нашите истражувања, колку што можеме повеќе да го осознаеме, а во голема мера и успеавме. Од непосредните теренски истражувања, како и увидите што ги имаме во галериските простори и депоа на институциите, како и публикуваниот материјал на колегите од соседните земји, се стекнува впечаток дека голем дел од неговите икони е стасан за превентивна конзервација, а некои и за посериозни конзервациски зафати. Многу мал број негови икони досега конзерваторски се третирани, како и неговите фрескоансамбли, меѓу кои има некои што се во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања и на кои им треба неопходна санација. Меѓу тие го издвојувам фрескоживописот на црквата „Св. Ахил“ во с. Требиште, Дебарско, како и неговиот живопис во олтарниот простор во црквата „Св. Богородица Пречиста“. Јас сум особено задоволен од тоа што изложбата во МАНУ побуди голем интерес и меѓу професионалците, историчарите на уметноста, конзерваторите што имаа можност непосредно да ги видат иконите и да ги видат сите деструктивни процеси што се во тек (црвојадина, потклобочување, напукнување и опаѓање на одредени делови). На нив, како и на многу други икони на Дичо Зограф врз кои сме направиле истражување и увид, ги има истите овие деструктивни процеси и тие се во фаза на еден неопходен конзервативен третман. Но значењето на неговото дело заслужува да биде под постојан конзерваторски надзор, како еден долгоречен проект на нашата конзерваторска служба. Дичо Зограф и неговото дело заслужуваат постојана музејска поставка, дури и музеј каде што ќе бидат изложени заедно со други дела на наши македонски зографи од времето на преродбата и 19 век.

Каде сега се наоѓаат неговите ерминии, зографските прирачници, и дали се планира тие да бидат и соодветно презентирани?
– Дичо Зограф, освен големиот број дела што ги има оставено зад себе, успеал да состави и две ерминии, два зографски прирачника, кои ги користеле и неговите синови Аврам и Спиридон, но и помладите следбеници и ученици од потесниот круг на ученици и соработници (зографите Јосиф и Јаков од Лазарополе и Серафим Зограф). И двете ерминии денес се наоѓаат во Софија, постарата во центарот за словено-византиски проучувања „проф. Иван Дујчев“ во Софија, а втората во Музејот на градот Софија. Досега е објавена само постарата ерминија, и тоа само во превод на современ бугарски јазик, додека втората е потполно непозната и непроучена. За оваа голема годишнина, во рамките на проектот „200 г. Дичо Зограф“, МАНУ ги доби авторските права за објавување на постарата ерминија, која до крајот на годината ќе биде и отпечатена. Тоа е важно издание, кое всушност ќе биде фототипно, со објавување на оригиналниот ракопис на ерминијата, проследена со дескрипција, превод и коментари.

И годинава ја организиравте и учествувавте на меѓународната летна Слепчанска школа во с. Слепче кај Демир Хисар. Што беше во фокусот на ова нејзино четврто издание?
– Слепченската (Демирхисарска) школа веќе стана традиционална и оваа година се организираше по четврти пат во манастирот „Слепче“ и пределите на Демирхисарско. Годинава фокусот на нашиот интерес го насочивме кон археолошките истражувања во самиот манастир, каде што, на наше големо задоволство, се открија темелите на постарата манастирска црква, која во 19 век ќе биде урната и целосно обновена. Откривме и неколку сребрени монети, накит и повеќе погребувања од различни периоди. Се откри и дел од првобитниот, поплочен двор на манастирскиот комплекс, кој е целосно зачуван и е еден од поавтентичните што ги имаме во Македонија. Првпат оваа година на нашата школа, која е исклучиво едукативна, освен студенти од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ од Штип, учествуваа археолози од Полска и од Босна и Херцеговина. Досега во рамките на школата се организираа и два меѓународни научни собири, посветени на културно-историското наследство на манастирот „Слепче“ и Демирхисарско и се објавија два зборници со научни трудови од овие научни собири. Школата предизвикува голем интерес меѓу учесниците, додипломци и постдипломци и придонесува за поголема афирмација на културно-историските традиции на Демирхисарско и манастирот „Слепче“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева