Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако забележи неправилности во однос на исхраната на учениците, директорот треба веднаш, а најдоцна во рок од три дена откако ќе забележи неправилност, да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат

Со новите измени на Законот за основно образование, во низата новини, предвидени се и промени во однос на исхраната на учениците додека се на училиште. Предвидено е нутритивниот квалитет на храната и оброците да ги утврдува Институтот за јавно здравје како и центрите за јавно здравје. Ова следува по низата реакции од родители, особено на социјалните мрежи, дека квалитетот на храната што ја јадат нивните деца на училиште е далеку од задоволителен.
– Директорот на училиштето ќе има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и оброците во основните училишта. Ако забележи неправилности треба веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат, зависно од утврдената неправилност. Исто така, советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната – соопштија неодамна во Министерството.

Предвидено е и да се казнуваат училиштата што нема да го почитуваат во целост правилникот за исхрана усвоен од Министерството за образование и наука пред неколку години, но засега неизвесно е колкави ќе бидат казните за одговорното лице.
„Нова Македонија“ пишуваше дека речиси секојдневно се случува во училишните мензи да има неправилности и недоследности во однос на квалитетот на храната. Недопечени кифли или кифли со помала грамажа од пропишаната, кифла без крем, компир манџа без компири во неа, остатоци од пластика во чиниите, се само некои од случаите за кои деца реагираат или, пак, нивните родители споделуваат на социјалните мрежи. Министерката Рената Дескоска овие измени во однос на храната ги најави пред неколку месеци, а рече и дека ќе се заложи да се преиспита квалитетот на храната што им се нуди на децата во училиштата.

– Проблемот со исхраната на учениците е проблем што подолго време се провлекува поради тоа што некои градоначалници во склучувањето на договорите, не ги почитувале одредбите од правилникот донесен од МОН за тоа што треба да содржи исхраната на децата во училиштата.
Размислуваме и за механизам што ќе врши контрола врз тоа дали се спроведува правилникот во училиштата и ќе доставиме барање до учениците онаму каде што ќе се забележат прекршувања да бидат раскинати договорите со снабдувачите на храна – рече тогаш министерката Дескоска.

Таа нагласуваше дека ако има реакции од родители, ако има незадоволство и ако операторот со храна со кој училиштето има склучено договор не испорачува квалитет, тогаш директорот на училиштето може во секое време да го раскине договорот.
– Ако се раскине договорот учениците ќе останат кратко време без храна, но директорот може да распише јавен оглас за итна набавка во тој меѓупериод, додека се распише нов тендер за избор на нова фирма. Начини да се подобрат работите има, само треба да се работи совесно. Градоначалниците и директорите треба да знаат дека здравјето на децата е пред сите нивни бизнис-интереси – истакна Дескоска.