Највисоките државни раководители на Косово не се меѓу најплатените службеници во земјата. Тие што примаат највисоки плати, до над пет илјади евра се директорите на јавните претпријатија, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Најдобро платен и натаму е директорот на Фондот на пензискиот фонд на Косово, Адриан Зали, кој има плата што е 15 пати повисока од просечната косовска плата. Зали секој месец прима по 5.213 евра, односно годишно 62.567 евра, објави телевизијата Т7.

Втор на листата на најплатени е извршниот директор на „Телеком“, Зеќир Киќина, со плата од 4.450 евра, а трети и четврти се гувернерот на Централната банка, Фехми Мехмети и директорот на Агенцијата за приватизација на Косово, Авни Јашари, со 4.300, односно 4.000 евра.
Шефот на поштите на Косово Сејди Хоџа има плата од 3.000 евра, а раководителот на приштинскиот аеродром, Бахри Нуредини месечно заработува 2.970 евра.
Дури по нив следуваат косовскиот претседател Хашим Тачи, чија плата изнесува 2.800 евра и парламентарниот спикер Кадри Весели, со нешто помалку, односно 2.740 евра.
Далеку зад нив е шефот на косовската влада, Рамуш Харадинај, кој моментно прима плата од 1.443 евра.

Веднаш по стапувањето на власт, премиерот Харадинај се обиде двојно да ги зголеми својата и платите на другите членови на Владата, тврдејќи дека не е во ред премиерот да има 1.400 евра плата, кога се знае каква одговорност носи.
Меѓутоа, оваа одлука беше поништена од Антикорупциската агенција, а предметот сега се наоѓа во Уставниот суд, кој сѐ уште не утврдил дали ова покачување е законско или не.