Дипломатските игри околу Лазар Мојсов во 1990-тите

Кон крајот на ноември и почетокот на декември 1992 година, како потсекретар во Министерството за односи со странство, денешно МНР, направив листа од 15 поранешни македонски врвни дипломати за кои сметав дека можат да ни помогнат во процесот на меѓународно признавање на државата, кој се одвиваше со големи тешкотии. Идејата беше, како специјални пратеници на претседателот Киро Глигоров, тие да одат во земјите каде што службувале за да лобираат за признавање на Македонија

Во повеќе наврати е говорено и пишувано за дилемата дали на Лазар Мојсов на почетокот на 1990-тите години му било понудено или побарано да ѝ помогне на Македонија, но му било речено дека не е потребно. Наводно, самиот Мојсов потврдил дека бил одбиен во интервју за списанието „Денес“ во 2006 година. Ако не се лажам, тоа беше по повод промоцијата на неговата книга – „Мемоарски записи средби, луѓе, настани“. Најмалку двајца автори и досега излегоа со истото тврдење дека Мојсов сакал да помогне во процесот на признавање на Македонија, ама не бил прифатен. Сепак, не беше така. Во „Форум“, пред доста време, не беше објавена мојата реакција дека тоа не е точно.

Кон крајот на ноември и почетокот на декември 1992 година, како потсекретар во Министерството за односи со странство, денешно МНР, направив листа од 15 поранешни македонски врвни дипломати за кои сметав дека можат да ни помогнат во процесот на меѓународно признавање на државата, кој се одвиваше со големи тешкотии. Идејата беше, како специјални пратеници на претседателот Киро Глигоров, тие да одат во земјите каде што службувале за да лобираат за признавање на Македонија. Претходно 20 години работев во Сојузниот секретаријат (министерство) за надворешни работи во Белград и добро ми беше познато кои од македонските амбасадори имаа ниво, а кои беа заскитани во дипломатијата. За да биде предлогот што поквалитетен, се консултирав и со други колеги, а бев и во владиниот Секретаријат за кадри за некого да не испуштам ненамерно. Прв на листата, се разбира, беше Лазар Мојсов, дипломат од светски калибар, поранешен амбасадор во СССР, Австрија и во ООН, сојузен министер за надворешни работи и претседавач со ГС на ООН. Следуваа Димче Беловски, амбасадор во Канада, САД и во ООН; Илија Топаловски, со најдолг амбасадорски стаж – во Тунис, Гвинеја, Норвешка, Индија и во Јапонија; Коле Чашуле, амбасадор во Боливија, Перу и Бразил…

Ценетиот амбасадор, сега покоен, Вања Тошевски, отворено ми рече да не губам време бидејќи Глигоров со добар дел од нив има нерасчистени сметки од Белград и дека нема да ги прифати. Пред сѐ, мислеше токму на Мојсов. Коле Чашуле, пак, секој ден преку медиумите буквално плукаше на Глигоров. Мојот став беше – ништо не губиме ако пробаме, а како држава може да имаме корист.
Предлог-листата му ја дадов на министерот Денко Малески, а тој веднаш му ја однесе на Глигоров. Веќе утредента Малески ми потврди дека листата е прифатена. Рече дека тој ќе зборува со Мојсов, а мене ме задолжи да ги контактирам Беловски и Топаловски, кој живееше во Белград, исто како и Мојсов, ама јас со него имав повремени контакти. Му реков дека ако јас го контактирам Беловски, тој ќе се навреди поради нивото. Ми врати дека така е договорено.

По некое време, Малески ми кажа дека разговарал со Мојсов, но од здравствени причини, тој не бил во можност да прифати. Ми беше пренесено дека и се жалел дека во аптеките во Белград ги немало потребните лекови.
Беловски прифати да оди во САД, каде што на времето беше брилијантен југословенски амбасадор ама отворено дури и навредливо демонстрираше незадоволство што јас му го пренесувам предлогот. Во прашање беше подолг период кога Вашингтон целосно ја игнорираше Македонија и избегнуваше секаква средба со нашите политичари. Од тие причини веднаш почнавме со подготовки на посетата на Беловски и во јануари 1993 година, кога веќе бевме готови, се случи пресврт. Сосема неочекувано, од САД дојде покана прво за посета на Малески, а веднаш потоа и на Глигоров. Не треба да се исклучи дека тоа беше резултат и на овој наш план. Во такви услови, пак, посетата на Беловски стана непотребна. Тој не знаеше дека идејата и предлогот беа мои ама затоа неговата лутина за откажувањето беше адресирана до мене. Со заемна почит, недоразбирањата ги расчистивме по цели 15 години.

Топаловски беше планиран да оди за Индија и за Јапонија, каде што беше успешен амбасадор, и беше почестен што сме се сетиле да го ангажираме. Арно ама, со искрено жалење, констатира дека е претседател на Југословенско-јапонското друштво за пријателство и дека не би било целесообразно со таква функција да оди во Токио и да лобира за Македонија. И беше во право. Потоа, тој неколкупати телефонираше за да праша како оди планираната акција, како оди процесот со признавањето.
Не знам кој од кабинетот на Глигоров контактираше со Чашуле ама ми е познато дека тој прифатил, под услов во Латинска Америка да остане цели шест месеци! За тоа немаше никаква потреба и значеше трошење големи пари. Поради тоа и тој ангажман пропадна. Планот беше да посети три, четири латиноамерикански држави за петнаесетина дни.
Сепак, поранешни успешни амбасадори реализираа корисни посети во земјите каде што службувале. Меѓу нив беа Кузман Димчевски, Трајко Трајков и други.
Во врска со Мојсов, чинам дека треба да се огласи и Денко Малески, кој контактираше со него.

(Авторот е поранешен амбасадор)