Од лош кавијар до претседатели како повраќаат, храната отсекогаш играла значајна улога во дипломатските состаноци

Светските лидери и политичари честопати работат прекувремено, решаваат тешки ситуации, многу време минуваат во преговори и дури понекогаш не спијат ноќе. Но дефинитивно, како и сите нас, тие мора да јадат.
Изминатата недела се случија два големи состаноци на лидери и долго време се размислуваше за менито. Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун се сретна со јужнокорејскиот претседател Мун Јае на првиот преговор меѓу лидерите на двете држави по 2007 година. Беше послужена морска риба-лист за да го потсети Мун на неговиот роден пристаништен град Бусан, но исто така и швајцарски палачинки од компир за да го потсетат Ким на периодот кога учел во Швајцарија.

Во САД, францускиот претседател Емануел Макрон ја оствари својата прва посета откако Доналд Трамп е претседател. Трампови ги послужија најдобрите американски специјалитети на државната вечера со неколку француски финеси.
Дали швајцарскиот специјалитет за Ким, за кого се верува дека обожава француско сирење и вино, е намерна тактика за Севернокорејците за да го придобијат? Џоана Менделсон-Форман, привремена професорка на Американскиот универзитет во Вашингтон и експертка за кулинарска дипломатија, вели дека „тоа е дел од тактиката“. Истражувачкиот консултант Сем Чапл Сокол, кој тврди дека храната на самитот буквално и фигуративно ја поставува масата за позитивни дискусии, вели дека „целото мени е извонредно бидејќи се опфатени сите региони на двете Кореи, менито има обединувачка цел“.

Кавијарот можеби не е за социјалистички претседател

Тој истакнува дека севернокорејската влада никогаш не потврдила дека Ким Јонг-ун навистина живеел во Швајцарија, па, така, „постои одреден ризик и креаторите на менито претпоставуваат дека треба да послужат швајцарски специјалитет. Можеби никогаш претходно не пробал таков специјалитет или повеќе е навикнат на фонду или на раклет“.
Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон ја нарече храната „најстарата дипломатска алатка“ во одржувањето на односите. Таа се користела за подобрување на соработката, но како што објаснува Сокол, понекогаш нешто тргнува наопаку.

Во 1992 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот беше во посета на Јапонија како дел од својата азиска турнеја. На државната вечера, помеѓу второто јадење (жив лосос со кавијар) и третото (говедско месо на скара со лут сос), тој беше првиот претседател во историјата што повратил врз премиерот на Јапонија. Наводно храната не била проблемот, а американските медиуми тогаш ги пренесоа изјавите на претседателскиот кабинет дека „тоа се случило поради грипот“.
Сокол вели дека „намерата не била лоша, но веројатно ги уназадило неколку години и тој сè уште ги исмејува Јапонците“. Постојат и други несреќни примери во дипломатијата.

Кога поранешниот претседател Барак Обама беше домаќин на средбата со неговиот француски колега Франсоа Оланд, за време на државната вечера во Белата куќа беше послужен кавијар од Илиноис. Како дел од екстравагантната вечера, ова не е неочекувано. Но за Оланд, чија социјалистичка влада внимаваше да ја поттикне француската омраза кон богатата „левица што јаде кавијар“, како што беа познати меѓу народот, ова воопшто не изгледало добро пред домашната јавност, според Сокол.
Аналитичарката д-р Марија Велез де Берлинер верува дека „храната е страшно моќна алатка и дека оној што го контролира пристапот до храната, ја контролира и преговарачката маса“.
Ова се покажа како точно за британската премиерка Маргарет Тачер во 1979 година. На состанокот на Европскиот совет со францускиот претседател Жискар де Естеин, кој сакаше пауза за вечера, таа не сакаше да ја прекине дискусијата без да се донесе одлука. Неизненадувачки, таа успеа да го убеди Естеин да ги прифати нејзините предлози до крајот на вечерта.
Менделсон-Форман тврди дека храната во дипломатските ситуации исто така може да ги намали бариерите. Таа вели дека „храната ги очовечува луѓето, поточно ги очовечува противниците“.

За време на 20-месечните преговори за иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, тензиите биле големи, а преговорите пропаѓале најмалку пет пати, според „Њујоркер“.
Преговарачите секогаш јаделе одделно, но на 4 јули на Денот на независноста на Америка, Иранците ги поканија Американците на заедничка вечера и беше забрането да се зборува за работа. Менделсон-Форман вели дека „тогаш првпат Иранците и Американците се гледале со поинакви очи“. Д-р Берлинер вели дека „прво се гледале како преговарачи, а потоа како луѓе“.
Во рок од 10 дена договорот беше конечно постигнат, со тоа што двајцата експерти беа убедени дека тоа се постигнало поради персиската вечера на која присуствуваа двете страни, како и посебното зближување што тогаш настанало.
Можеби ваквата атмосфера ќе продолжи и во блиска иднина. Следниот голем и досега невиден дипломатски состанок во календарот е меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун. Дали послужената храна ќе биде заслужна за новото достигнување?