Фото: Архива

Денеска се одржува референдумското гласање на едно избирачко место во Државната изборна комисија (ДИК), за 104 членa и заменик-членови на избирачки одбори, кои по гласањето ќе отпатуваат во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија, каде што в сабота, на 29 септември, ќе го спроведат изјаснувањето за иселениците.
Според најавите од ДИК, гласањето во странство ќе се одвива во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија, а пријавени за гласање се вкупно 2.694 македонски државјани.

Ќе се гласа во ДКП во Берн, Венеција, Љубљана, Виена, Торонто, Лондон, Бон, Хаг, Берлин, Мелбурн, Канбера, Брисел, Стокхолм, Париз, Рим, Копенхаген, Вашингтон, Детроит, Прага, Абу Даби, Белград, Подгорица, Анкара, Атина, Букурешт, Истанбул и Будимпешта…

Најмногу пријавени за гласање има во Берн – 321, во Венеција 264, во Љубљана 217 и во Виена и Торонто ќе има изјаснување за по 151 македонски државјанин.
Од друга страна, пак, најмалку, само 10, се пријавени за гласање во Будимпешта, 13 во Истанбул, 14 во Букурешт и 15 во Атина.

Доколку некој од пријавените граѓани за гласање во ДКП за референдумот допатува во Македонија, нема да може да го оствари тоа право, неговото име ќе биде во посебните изводи од избирачкиот список наменети за дијаспората.

Гласањето во дијаспората започнува во 7 часот наутро, а завршува во 19 часот по локално време, в сабота на 29 септември, кога и во земјава ќе се спроведува гласање за болните и немоќните лица, за затворениците и за лицата во домашен притвор.
Во меѓувреме, печатницата „Киро Дандаро“ треба да испечати 1.806.336 гласачки ливчиња, односно онолку колку што има запишано гласачи во заклучениот избирачки список. Според роковникот, ДИК изборниот материјал им го предава на ОИК најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на референдумот.
Според информациите од ДИК, тоа ќе се случи в четврток наутро, кога материјалот за неделното гласање директно од печатницата ќе биде дистрибуиран до општинските изборни комисии.

ОИК, пак, се должни еден ден пред денот на одржување на референдумот да им го предадат изборниот материјал на избирачките одбори.

Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро, а завршува во 19 часот.
Референдумското прашање гласи „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.

ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ќе ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК, во рок од 24 часа по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од сите ОИК. Резултатот од гласањето, ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од денот на одржување на референдумот.


МВР: Секаков притисок, закана или уцена ќе бидат санкционирани

Министерството за внатрешни работи соопшти дека, во согласност со своите законски надлежности, ги презема сите неопходни мерки за гласањето на претстојниот референдум на 30 септември да помине во најдобар ред, односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.
– Секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе бидат спречени и санкционирани. Исто така, во согласност со законите, секој обид за попречување на остварување на правото на глас ќе биде санкциониран – се вели во соопштението од МВР. А.С.


Аудиоупатство за гласање на лицата со оштетен вид

Државната изборна комисија на својата веб-страница објави аудиоупатство за гласање на лицата со оштетен вид.
Во упатството детално се соопштува постапката како слепите и лицата со оштетен вид можат да го остварат правото на гласање на референдумот