Во организација на „Моден викенд Скопје“ и на Македонското модно здружение вчера, во „Астибо фешн груп“, во Штип се одржа модниот перформанс наречен „Састејнбл стори мк – наши први експресии“.

На капсулните колекции направени од текстилен отпад работеа Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова, Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева под менторство на дизајнерката Ирина Тошева.

– Дизајнот од нула отпад всушност не е нова технологија или материјал. Тоа е нов начин на размислување – филозофија што те тера да ги оспориш постојните техники и да станеш покреативен дизајнер. Поставувањето различни парчиња облека како сложувалка со различни техники придонесува да нема ткаенина што е залудно потрошена, а добивате ново уникатно парче што повторно може да се носи. Освен заштитата на животната средина на овој начин добивме и нови убави форми на модата – велат организаторите. Модниот перформанс е дел од проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“. Во следната фаза учесниците ќе ги менторираат и гостите од Велика Британија, односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Иницијативата почна во септември годинава, со континуирани активности. Завршницата ќе се случи во ноември, 2018 година во рамките на „Моден викенд Скопје“ во хотелот „Скопје Мериот“. Проектот го реализираат „Моден викенд Скопје“ и Македонското модно здружение во соработка со Министерството за економија, со поддршка од Министерството за култура во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2018“ и Британскиот совет.