Некои од животните доаѓаат во градовите поради распаѓањето на руралниот животен стил, уништувањето на шумите, како и уништувањето на житните култури, со што дивиот свет се остава без засолниште и храна. Градовите, од друга страна, се места каде што има многу отпадоци од храна

Во последно време градови низ светот сведочат за зголемен број миграции на диви животни. Постојат голем број причини зошто се случуваат ваквите промени во природата. Една од причините е ширењето на човечките населби на области каде што претходно живееле овие животни што, всушност, значи дека луѓето се населуваат на места, кои некогаш им припаѓале на дивите животни.

Некои од животните доаѓаат во градовите поради распаѓањето на руралниот животен стил, уништувањето на шумите, како и уништувањето на житните култури, со што дивиот свет се остава без засолниште и храна. Градовите, од друга страна, се места каде што има многу отпадоци од храна. Некои животни, пак, во градовите наоѓаат безбедност од предатори затоа што тие сѐ уште не се доселиле. На тој начин се развива т.н. „урбана екологија“, која го проучува соживотот на луѓето и дивиот свет во урбаните средини.

Во однос на овие новодоселени градски жители, треба да се разликуваат т.н. синантропни животински видови, кои инаку живеат заедно со луѓето.

Ќе наброиме само неколку примери на различни животински видови и градови во кои тие се населиле:

– леопард во Мумбај (Индија)
– дива свиња во Берлин (Германија)
– волци во германски, дански и холандски предградија
– пингвини и бабуни во Кејптаун (ЈАР)
– сив сокол во Лондон (Велика Британија) и Њујорк (САД)
– елен сика во градот Нара (Јапонија)
– пума во Лос Анџелес (САД)
– мајмуни во градовите во Јужна Африка
– црвени лисици во британските градови
– црни мечки во некои од градовите на Северна Америка
– папагали во градовите во Нов Зеланд
– хиени во Харар (Етиопија)
– белоопашести елени на Флорида (САД)
– ракуни во Њујорк.

Можеби најинтересно е да се напомене каков вид животни мигрираат во градовите. Кај птиците, забележано е дека станува збор за поинтелигентни видови, односно за поединечни видови што имаат поголем мозок во однос на големината на телото, а со тоа и поголема варијабилност во однесувањето. Таков пример се азиските сини птици, кои можат да отворат шише со млеко, случај што бил забележан уште во 1921 година во Велика Британија. Интересно е и новото истражување, според кое оние видови птици што имаат способност да пеат ја приспособиле својата фреквенција на пеење спрема градската врева за да можат меѓусебно да се чујат. Покрај тоа, големиот број на овие птици во градовите влијае и врз карактеристиките на нивното пеење. Ова значи дека доаѓањето во урбаната средина доведува и до развој на дијалект кај ваквите птици.

Следната група новонаселени животни по градовите ја сочинуваат оние што се активни во другата доба од денот во однос на луѓето, но може да се приспособат. На овој начин дивите животни се обидуваат да го избегнат периодот од денот кога луѓето се најактивни, бидејќи се плашат од нив. Таков пример се пумите во Лос Анџелес, каде што тие се нарекуваат мачки-духови. Всушност, научниците предупредуваат дека некои животински видови, кои претходно биле активни во текот на денот, во градовите стануваат активни во текот на ноќта. Сево ова може да доведе до значителни промени во еколошката рамнотежа, бидејќи тие ги менуваат живеалиштето и времето во кое животните се главно активни.

Општо се верува дека во близина на луѓето доаѓаат оние животни што помалку се плашат од нив. Според научната теорија на самоопределување, животните што им се приближуваат на луѓето и живеат со нив, се на патот да станат домашни со текот на времето. Таков пример се белоопашестите елени на Флорида.

Ваквите животни имаат посебно значење за градовите, бидејќи ги доведуваат во прашање толеранцијата и етичноста на човештвото. Поточно, некои видови диви животни можат да преживеат во градовите, бидејќи во природа најчесто страдаат или немаат доволно храна (на пример соколите и јастребите), па нивното протерување од градовите би можело да го доведе во прашање опстанокот на нивниот вид.

Од друга страна, пак, некои животни многу често страдаат во урбаните средини, како што се на пример лисиците во Велика Британија или белоопашестиот елен во Флорида, кога ова подрачје беше погодено од ураган. За некои градови дивите животни се хигиеничари (на пример хиените во Африка или мршојадците во Индија), поради што некои од граѓаните ги имаат добро прифатено и не ги протеруваат. Во Јапонија елените сика се сметаат за свети животни и поради тоа тие мирно живеат во соживот со луѓето. Во приградските населби на Северна Америка, пак, заклучиле дека дивите животни придонесуваат за квалитетот на живот на граѓаните, а претставуваат и туристичка атракција.