Манифестацијата „Тиквешки гроздобер“, која во Кавадарци се одржува повеќе од половина век, годинава блесна во прекрасно издание, во кое во дури 40 поставки продефилираа над 1.000 учесници, а меѓу нив најмногубројни, се разбира, беа децата. Кавадаречките училишта и годинава подготвија многу интересни групни маски, а ним им се придружија и младите од повеќе македонски градови.

Покрај традиционалните гроздоберчиња и буренца со вино во карневалската поворка можевме да ги видиме прекрасните мали сонца, Фиона и малите шрекчиња, малите сирени, Јапонките, прасињата, пауните, пеперутките, јунаците од приказните „Снежана и седумте џуџиња“, „Волшебникот од Оз“, „Убавицата и ѕверот“, глуварчињата, булките, винските крал и кралица и уште многу други инвентивни маски.

Доказ дека уживаат во настанот, кој стана традиција во Кавадарци, беа насмеаните детски лица.