Во периодот од 5 до 9 мај во повеќе европски земји ќе биде одбележана „Европската недела на креатори на културно наследство“ – пилот-иницијатива на „Европските денови на културното наследство“, насочена кон децата и младите луѓе. Македонија од годинава се приклучува кон оваа значајна иницијатива. Проектот што започна како „Креатори на културно наследство“ во Финска, во 2013 година, и продолжи како прекугранична активност од 2014 година, беше препознаен од страна на собранието на ЕДКН како иновативна и одржлива можност за активно ангажирање на најмладите.

Децата и младите луѓе имаат клучна улога во иднината на заштитата и промовирањето на културното наследство и го претставуваат најзначајниот ресурс за креативни идеи и, воопшто, за придонесот кон културата.

– Целта на оваа иницијатива е да им се даде вистински и значаен глас на децата и младите луѓе и на тој начин да се откријат и поттикнат идните творци на културно наследство во Европа. Во текот на „Европската недела на креатори на културно наследство“ се поттикнуваат младите да ја истражуваат својата околина, да го запознаат културното наследство што ги опкружува, да најдат приказна за Европа во наследството што го одбрале, а потоа да ја постават приказната на порталот на ЕДКН – велат организаторите.

Сите приказни поднесени во согласност со правилата за учество ќе бидат објавени на порталот на ЕДКН. Рокот за поднесување на приказните е 9 мај. Жирито на ЕДКН ќе селектира најмалку 10 креатори на културно наследство, кои ќе бидат поканети да го посетат Стразбур и да ги запознаат другите раскажувачи. Патните трошоци од државата на креаторите на наследство до Стразбур и назад ќе бидат покриени од програмата на „Европските денови на културното наследство“. Сместувањето за раскажувачите и нивните придружници за време на посетата ќе биде обезбедено од страна на Европскиот центар за млади, во срцето на европскиот дел на Стразбур.

Музејот на Македонија, како координатор на оваа активност, ги повикува сите деца и млади луѓе од 12 до 18 години да го разгледаат и истражат наследството во својата околина и да ја раскажат својата приказна.