Топлото време на децата им нуди одлична можност за игра и за забава, а детскиот агол во дворот е одлично место каде што вашите деца ќе поминат повеќе корисно време во активна игра, на чист и свеж воздух. Овој пат ќе ви понудиме неколку идеи како во вашиот двор и градина да направите идеален ќош за вашите најмили.
Една од наједноставните и најекономични идеи за детска забава е лулашката. За нејзина изработка ви се потребни една штица или стара автомобилска гума и ортома, која ќе ја заврзите на едно од дрвјата во вашиот двор. Исто така одлични за детска забава се висечката мрежа и сандаците со ситна песок, кои можете да ги поставите во кој било дел од дворот.

Ѕидовите за качување, трамбулините и висечките јажиња, покрај тоа што овозможуваат одлична забава, се одлично место каде што своето слободно време можат да го поминат и родителите.
Детските дрвени куќички се едно од омилените места за играње во дворот. Но нивната радост ќе биде поголема доколку имате можност да им направите куќичка на дрво, која е сон број еден на секое дете.
За време на жешките летни денови играњето со вода е неизбежна детска забава. Затоа, водените прскалки и малите монтажни базени ќе бидат местото каде што вашите деца максимално ќе уживаат.

При изградбата и изработката на детскиот комплекс во дворот, мора да обрнете внимание на неговата сигурност и безбедност, затоа ќе ви понудиме и неколку корисни совети.

Отстранете ги острите рабови и ќошови. Доколку нема начин за нивно отстранување, врз нив ставете заштитна гума, сунѓер или некој друг материјал. Користете светли и живи бои, за поефикасно да го привлечете вниманието на децата, за да заборават на телевизорот и игрите на телефонот или таблетот.

Игралиштето направете го во неколку дела. Лулашките и песочните игралишта можат да бидат на еден крај, игралиштето за спортски игри малку понастрана, а меѓу нив монтажните шатори или куќички од дрвени плочи на склопување.

Користете стари работи како додатоци во игралиштето и како градинарски декорации, на пример стари гумени чизми, чадор за сонце, стари метални садови за домаќинство и сл.

Исто така водете сметка за чување и складирање на играчките. Играчките со кои играат децата во дворот треба да стојат одделно од оние со кои играат дома. Идеално место би било најниската полица во градинарската остава за да можат децата сами да се грижат за нив но средување.