(Де)стимулација на современото музичко творештво

Токму поради тоа, државата не смее повторно да се враќа чекор назад, па макар станувало збор и за административна грешка поради која беше поништен конкурсот за нарачка на нови дела

Композиторите Јана Андреевска, Андреј Блажевски, Валентина Велковска-Трајановска, Кокан Димушевски, Филип Иванов, Илија Илиевски, Горан Начевски, Ана Пандевска, Бојана Петровиќ, Сони Петровски, Драган Стојковски, Тодор Трајчевски, Благој Цане и Панде Шахов неодамна реагира на соопштението на Министерството за култура, во кое се известува за поништувањето на Конкурсот за откуп на нови композиции за 2017 година.
Во соопштението на Министерството, според нив, се избегнува да се наведе јасно какви се административните пропусти и кој ги направил и на тој начин тоа целосно ја промашува својата цел.

Од најавата за дисциплинските санкции кон вработени во Министерството, според композиторите, се наѕира дека пропустите се направени внатре во Министерството. Сепак, како што велат, одговорен за планирањето, координацијата и квалитетот на работата на Министерството е токму министерот за култура. Композиторите посочуваат дека од преземањето на должноста на 31.5.2017, министерот имал време да ја планира и координира работата на Министерството, за веќе по истекувањето на рокот за пријави, на 31.10.2017, да располага со доволно човечки и технички ресурси за да се справи со пријавените дела. Зошто министерот не го направил тоа (а го направил темелно во други сегменти од работата на Министерството), е прашањето што го поставуваат истакнувајќи дека соопштението го игнорира фактот дека анонимноста на делата што се наградени во поништениот конкурс е веќе повредена од самото Министерство.

Македонските композитори го добија заслуженото место во општеството, успеаја да го валоризираат сопствениот труд. Изминативе седум децении, колку што постои СОКОМ, се исклучително турбулентни и менливи на општествен и политички план. СОКОМ успеа да се избори и да реши многу горливи проблеми со кои се соочуваше македонското
музичко творештво

Според композиторите, досегашните информации создаваат јасна слика за бесрамно фабрикување причини за оваа груба и арогантна повреда на правата и интегритетот на петнаесет композитори, чија повеќемесечна макотрпна работа е обезвреднета. Во отсуство на објаснување зошто се случиле административните пропусти и зошто министерот не ја почитува препораката на комисијата, како што наведоа композиторите – може само да се претпостави дека на министерот не му се допаднал списокот со наградени автори и планира во повторeниот конкурс да се ангажира „административно“, за да се дојде до список што нему му се допаѓа.
Државата мора да се грижи и да го стимулира македонското музичко творештво, а овие конкурси беа иницирани токму со таа цел. Повеќедецениската дестимулација на македонската современа музика беше прекината токму преку овие конкурси на Министерството за култура.

Она што може да се детектира преку хронолошкото прелистување на активностите на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) од неговото основање до денес е фактот дека ова здружение на македонските композитори и музиколози низ децениите успеало да се избори за подобар статус на творците. Историјата ги бележи фантастичните почетоци на СОКОМ и подемот на ова здружение и неговите творци за време на бивша Југославија, со многу гостувања, изведби на дела од македонските автори надвор од земјава. Исто така, историјата ја бележи и стагнацијата на сојузот во годините на транзиција, кога ова здружение се бори за правата на композиторите и нивниот статус во државата. Таа борба се пресликува во годините кога единственото специјализирано списание за класична музика „Музика“ не доби пари од државата за да се издаде, кога за пишување симфонија македонските композитори добиваа срамни суми, наспроти илјадниците што државата ги издвојуваше за другите уметности, кога нивните дела ретко ги изведуваа националните институции, кога институциите ги забораваа јубилеите на најзначајните македонски композитори.

Полека, но сигурно во изминативе неколку години почна да се трасира вистинскиот пат по кој треба да се движат македонското музичко творештво и неговите автори. Македонските композитори го добија заслуженото место во општеството, успеаја да го валоризираат сопствениот труд. Изминативе седум децении, колку што постои СОКОМ, се исклучително турбулентни и менливи на општествен и политички план. Композиторите успеаја да се изборат и да решат многу горливи проблеми со кои се соочуваше македонското музичко творештво.
Токму поради тоа, државата не смее повторно да се враќа чекор назад, па макар станувало збор и за административна грешка поради која беше поништен конкурсот за нарачка на нови дела.