Политичката кампања во Хрватска е естрадизирана, а во таквиот амбиент најдобро се снаоѓа актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, сметаат аналитичарите

Најновите изјави на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ за нејзиниот живот зад железната завеса, за југоносталгичарите и за фудбалот во поранешна Југославија ѝ ставија печат на кампањата за избор на претседател на Хрватска. Изборите ќе се одржат за педесет дена, а аналитичарите за изјавите на актуелната претседателка на Хрватска велат дека се насочени за придобивање на гласачите од десничарското избирачко тело. На овие гласови се надева и еден од главните конкуренти на претседателскиот трон, познатиот хрватски пејач Мирослав Шкоро.
Хрватската претседателка е родена 20 години по Титовото разидување од Сталин, но таа не пропушта шанса на секој јавен настап да се наврати на југословенскиот период. Таа зборуваше за нејзиното растење зад железната завеса, за фудбалскиот клуб Риека, на кој вели дека му е верна навивачка, но забележа дека оваа екипа била резервоар за играчи за белградските клубови Партизан и Црвена звезда. Таа се обиде да профитира и со изјавата за воведување „недела за југоносталгичари“.

Ваквите нејзини изјави предизвикаа и лавина реакции во хрватската јавност, а некои правеа и шеги на нејзина сметка на социјалните мрежи, додека историчарите посочија дека има проблеми со фактографијата. Сепак, некои од политичките аналитичари оценуваат дека нејзиниот настап во кампањата нема да влијае на придобивање на гласовите од десното избирачко тело.
Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски, во изјава за Радио Слободна Европа, проценува дека таа и натаму е фаворит на претстојните претседателски избори.
– Ми се чини дека таа може да зборува што сака, и тоа и го прави, а тоа битно да не влијае на нејзината предност да победи, затоа што нејзините гласачи се емоционално врзани за неа. Другите кандидати може да се подбиваат со нејзините изјави, но тие се поделени и во овој момент немаат шанси да победат на изборите – објаснува Пуховски.
Политичкиот аналитичар Божо Ковачевиќ не очекува овие изјави да ѝ наштетат на Колинда Грабар-Китаровиќ.

– Делумно со нејзина заслуга, а делумно и поради атмосферата во некој глобален контекст. Политиката не е само естрадизирана туку и кловнизирана, а нашата претседателка во таков контекст се покажува како идеален избор за полудената публика, која, кога излегува на избори, мисли дека оди во циркус – вели Ковачевиќ.
Според Пуховски, силата на претседателката се врзува за луѓето што немаат некакво сериозно образовно ниво, а тоа го покажуваат и сите истражувања.

– Затоа може да се кажуваат некои работи што на некои и малку образовани луѓе им се чинат непоимливи и скандалозни, тие може да грешат во изнесувањето на фактите, а да не носат последици за изреченото. Но таа е народна хероина. Меѓутоа, таа улога не поминува кај дел од десницата и сега се јавува Шкоро – посочува Пуховски.
Затоа и изјавите за социјалистичка Југославија се насочени на привлекување на гласачите на кои претендира и Шкоро. Поради ова, можно е да се очекува заострување на дуелот меѓу двајцата кандидати, затоа што најсериозниот адут на опозицијата и кандидат на левиот центар Зоран Милановиќ има свое сигурно гласачко тело и влегува во вториот изборен круг.

– На двајцата им е сосема јасно дека полесно ќе им биде во вториот круг да се соочат со Милановиќ отколку самите меѓу себе. На Милановиќ му пречи да биде ставен на маргините во изборната трка и затоа се обидува да се врати на средината со напади врз владата на Пленковиќ – заклучува Пуховски.