Фото: Дарко Андоновски

Репортажа од традиционалното закројување на лозјата и јубилејот на винарницата

Изминатите години винарницата „Стоби“ учествуваше на сите реномирани саеми и освои награди и признанија на светски натпревари. Само лани „Стоби“ ги освои највисоките признанија на престижните интернационални натпревари „Мундус вини“ во Германија и „Вино Љубљана“ во Словенија. Вината на „Стоби“ добија високи препораки од реномирани светски вински критичари во рецензиите објавени во „Вашингтон пост“ и во винскиот магазин „Вајн адвокат“

Традиционално, десетта година едноподруго, со света литургија, беа закроени виновите лози во винарницата „Стоби“. Закројувањето го започна сопственикот Минчо Јорданов, во присуство на многубројни пријатели од бизнис-заедницата, од политичкиот, дипломатскиот и јавниот живот. Наедно беше осветена и вода со која се полеваат стеблата за бериќетна година, а сопствениците заедно со гостите наздравија од срце за уште една успешна година во низата од десет години, колку што оваа година одбележа винарницата „Стоби“.
– Овој празник е еден од убавите настани што го следат производството на грозје и вино. Народот, како што милува да каже за виното дека е напивка на боговите, со големо задоволство го прифатил овој празник, со радост го очекува и го негува како традиција. Нашето вино се пие во добра дружба и токму затоа, на овој ден, доаѓа многу народ. Тоа е прекрасна традиција, каде што луѓето се дружат и зближуваат, што е една од главните цели на животот – истакна Минчо Јорданов, сопственик на винарницата „Стоби“.

Тој потсети дека брендот „Стоби“ во изминатиов приод од десет години успеа да стане вино со препознатлив квалитет, кое се пласира на повеќе континенти.

Фото: Дарко Андоновски

– Со гордост можеме да кажеме дека сме присутни на пазарите во Кина, САД, Русија и во Европа, а со нашиот исклучителен квалитет полека и ги освојуваме. Горди сме на нашите награди и пофалници од реномирани вински критичари, а тоа нам ни претставува предизвик за натамошни успеси, благодарение на целиот тим – дополни Јорданов.

Изминатите години винарницата „Стоби“ учествуваше на сите реномирани саеми и освои награди и признанија на светски натпревари. Само лани „Стоби“ ги освои највисоките признанија на престижните интернационални натпревари „Мундус вини“ во Германија и „Вино Љубљана“ во Словенија. Вината на „Стоби“ добија високи препораки од реномирани светски вински критичари во рецензиите објавени во „Вашингтон пост“ и во винскиот магазин „Вајн адвокат“.

Во врска со употребата на придавката „македонско“, со оглед на дебатата што се развива меѓу бизнис-секторот за иднината на овој термин, посочи дека најидеално би било кога целиот географски простор на Македонија би можел да го користи овој термин, но додаде дека сепак смета дека најважно е да се најде фер решение во рамките на меѓународното право.

– Како винарница, постојано ги следиме светските трендови, ги задоволуваме вкусовите на сите потрошувачи. Со тоа сме конкурентни и на светскиот пазар со широка палета производи на вина. Континуирано вложуваме во иновации за да произведеме вина што се премиум, класик, елитни или традиционални, кои ќе ги задоволат сите вкусови и сетила на секој потрошувач. Винарницата „Стоби“ е семеен бизнис, благодарение на мојот татко Минчо Јорданов – додава Ана Јорданова, креативна директорка во компанијата.

„Стоби“ е модерно конципирана македонска винарница во Градско, со свој ресторан, која годишно произведува 4,5 милиони литри висококвалитетно амбалажирано вино, од кои 70 отсто се извезуваат на пазарите во други земји.

Одговарајќи на новинарски прашања, сопственикот Јорданов се осврна и на проблемите што се карактеристични за земјоделството, за идните развојни планови на брендот „Стоби“ и за потенцијалот на винскиот туризам.

Во Македонија се троши само 10 отсто од виното што се произведува, поради што сме принудени да бараме пазари за пласман на нашиот производ, но токму благодарение на таа наша заложба, заедно со асоцијацијата и во соработка со државата, ние обезбедуваме работа за луѓето што живеат тука, да си останат тука!

– Десет години е период во кој винарницата „Стоби“, која е една од поголемите во Македонија, ги преживува, доживува и ги решава проблемите во нашиот аграр, особено што во последниве години виното стана продукт за кој се ангажираат поголем број работници во комбинати како „Стоби“, која сама го произведува грозјето и која е единствена со сигурен пласман и извоз. Факт е дека во Македонија се троши само 10 отсто од виното што се произведува, поради што сме принудени да бараме пазари за пласман на нашиот производ, но токму благодарение на таа наша заложба, заедно со асоцијацијата и во соработка со државата, ние обезбедуваме работа за луѓето што живеат тука, да си останат тука – посочи Јорданов.

Тој истакна дека во аграрот има простор за поголема координираност и поддршка за земјоделскиот сектор, појаснувајќи дека виното има најдолг производствен циклус, бидејќи од моментот на закројување на лозјето, кое започнува во декември, плодовите се берат во август, првите шишиња со вино се добиваат во февруари следната година, па сѐ додека винарниците ги добијат назад вложените средства во јуни-јули, поминува година и пол.

– Во нашата земја недостигаат предностите што ги има земјоделскиот сектор во развиените земји, поточно земјоделски банки со евтини банкарски средства за винопроизводителите како нас, кои имаат врзани многу финансиски средства во самиот обрт на производството. Виното заслужува поддршка токму за нашиот народ да остане тука – истакна Јорданов.

Тој се осврна и на употребата на придавката „македонско“, со оглед на дебатата што се развива меѓу бизнис-секторот за иднината на овој термин, и посочи дека најидеално би било кога целиот географски простор на Македонија би можел да го користи овој термин, но додаде дека сепак смета дека најважно е да се најде фер решение во рамките на меѓународното право, посочувајќи дека не очекуваат промени и проблеми во продажбата и пласманот на нивите вина.

За развојот на винскиот туризам, неопходни се инвестиции во инфраструктурата, неопходни се сместувачки капацитети и други компоненти. „Стоби“ веќе прави планови и за изградба на хотелски сместувачки капацитет кај винарницата, посочувајќи дека се само на два километри од автопатот, како и за креирање туристички тури на Македонија и соседна Грција…

– Винскиот туризам е сублимација на најпозитивните аспекти поврзани со производството на грозје и вино, бидејќи е синтеза на неколку позитивни економски ентитети. Покрај посетата на нашата земја, која има што да понуди, на туристите им се нуди и исклучително квалитетно вино, кое има најмалку хемија од сите земји производители, а покрај тоа и исклучително квалитетна храна, благодарение на нашата местоположба. Нашите вина содржат многу малку надворешни компоненти, благодарение на изобилството сончеви денови и на квалитетното грозје што се произведува во тиквешкиот регион. Веќе имаме голем број посети, и тоа особено од поранешните југословенски земји… Но за развојот на овој тип туризам, неопходни се инвестиции во инфраструктурата, неопходни се сместувачки капацитети и други компоненти – појасни Јорданов, кој исто така откри дека веќе се прават планови и за изградба на хотелски сместувачки капацитет кај винарницата, посочувајќи дека се само на два километра од автопатот, како и за креирање туристички тури на Македонија и соседна Грција…

Винарницата „Стоби“, лоцирана во близината на античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име, своето вино го добива исклучиво од сопствени лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари.