Ден на независноста – години на раздор

Забележливо е дека на 8 Септември не му се придава некое државно триумфално значење. Иако се користи како пригода за потсетување, уште повеќе тој празник се злоупотребува како можност за себепартиска промоција. Двете најголеми македонски партии имаат сосема различен приод во толкувањето на настаните од тој период и различно вреднување на придонесот на личностите што учествуваа во тие настани. Ниту една не се држи целосно до фактите, во поголем дел претендира на фризирање и на зголемување на сопствената улога

Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември, секогаш е можен повод за навраќање на тој ден и на неговото значење. Од таа 1991 година досега поминаа 28 години, во кои се случија низа настани. Што очекувани, што незамисливи, незамисливи пред сѐ за оние што ги организираа или следеа процесите што ја носеа државата кон едно друго време, кон 21 век. И за мнозинството граѓани, секако, кои наместо регрес, очекуваа поперспективен развој, поголема демократија, повеќе работни места, повисоки плати, поголем стандард.

Денес, кога под грчки и бугарски притисок се врши уценувачка ревизија на подалечната историја на македонскиот народ, во македонските политички, научни и публицистички кругови се запоставува поблиската, најновата. Сакам да кажам дека досега, за жал, не е направена ниту елементарна ниту содржајна анализа за периодот на 1990, 1991 и 1992 година, за тоа бурно, пресвртно и опасно време кога многу нешта можеа да излезат од контрола и да тргнат наопаку, на штета на државата и народот. Не само што се навестуваше туку блиску беше почнување војна со тогашната ЈНА, не исклучувајќи дури да дојде и до граѓанска војна меѓу самите Македонци, меѓу разбудените, тогаш вжештени вмровски глави и од нив погрдно наречените комуњари.
Низ минатите години е забележливо дека на 8 Септември не му се придава некое државно триумфалистичко значење. Иако се користи како пригода за потсетување, тој празник почесто се злоупотребува како можност за себепартиска промоција. Притоа, двете најголеми македонски партии имаат сосема различен приод во толкувањето на настаните од тој период и различно вреднување на придонесот на личностите што учествуваа во тие настани. Ниту една не се држи целосно до фактите, во поголем дел претендира на фризирање и на зголемување на сопствената улога.

Процесите поврзани со тој датум најчесто се третирани површно низ разни телевизиски емисии, низ подолги интервјуа или кратки изјави на тогашни политичари, стопанственици, дипломати, новинари. Неколкумина од нив околностите и личностите ги имаат интерпретирано низ новински текстови или низ водење полемики, а малкумина се обиделе да го направат тоа преку свои објавени мемоари. Кога ќе се прочитаат истите тие, ќе се види дека нема една вистина. Колку автори, толку вистини.

Во редица случаи како клучни сведоци се појавуваат политичари или измислени (умислени) личности што тогаш биле на периферијата на решавањето, а си припишуваат заслуги што воопшто не им припаѓаат. Можеби биле на високи функции, но практично биле изолирани од непосредното одлучување што да се преземе, што да се направи. Долги беа подготовките за утврдување на начинот и методите за осамостојувањето, се држеа десетици затворени и отворени состаноци околу организацијата на референдумот, се проценуваа околностите за можниот успех, но и за ризиците што може да се појават. Се разбира, сето тоа проследено со меѓупартиски подметнувања, со заемно фабрикување лажни вести, со закани за апсења и затвори и слично, атмосфера и говор што траат оттогаш до денес.

Кој што и да кажува, колку и лично да се удира по гради, треба да се каже дека, и покрај одредени, понекогаш жестоки меѓупартиски спротивставености, осамостојувањето беше колективно дело, поддржано и од тогашната единствена партија (ПДП) на Албанците во Македонија. Како колективен орган работите ги водеше Владата, на чие чело беше Никола Кљусев, во нејзини раце беа организациските практични подготовки и непосредното спроведување на референдумот. Неоспорно е дека нејзините членови работеа со елан, понекогаш со претерана егзалтација, понекогаш со страв од неизвесноста што ја ширеа високи воени лица, тајните соработници на КОС и слабо контролираните делови од македонската полиција. Сигурно не може и не смее да се заборави придонесот на пратениците од составот на првото повеќепартиско македонско собрание, кои со национален ентузијазам ги прифаќаа и изгласуваа предложените одлуки, документи, декларации, нужни итни законски измени. За жал, тој придонес до денес не е соодветно вреднуван, тие не добија дури ни некое формално признание, а камоли државно одликување. Многумина од нив не се веќе на овој свет, но и оние што тогаш беа млади, а сега во поодминати години, одвреме-навреме ја искажуваат горчината на запоставеноста, на заборавеноста. А секако дека заслужуваат одредена сатисфакција, некои и посмртно.

Се разбира, не може да се исклучат заслугите на поединци. Секако, на врвот на оваа пирамида засекогаш ќе остане името на првиот претседател на независна самостојна Република Македонија, Киро Глигоров, чии заслуги, со сите негови наводни грешки и недоследности, сепак, се најголеми. Глигоров, откако беше избран за претседател на државата, беше „мозокот“ на целата организација, тој го диктираше темпото, ја гледаше секоја буква од подготвуваните документи и декларации, трпеливо разговараше со сите вклучени страни, се консултираше со повеќе извори, опипуваше мислења, слушаше совети, ги стишуваше страстите, се потсмевнуваше кога му предлагаа разни глупости и смирено го атерираше авионот на независноста кон сигурен аеродром. Можеби како дамка ќе му остане што некои го обвинуваат дека не покажувал голем интерес да се среќава, да прима и да вклучува во тој процес стари комунистички кадри, нему познати од југословенскиот период во Белград. Со таквиот став, кој и до денес е тема за полемики, тој колку што настојуваше лично да се одлепи од поранешната белградска кариера, толку сакаше да се потпре на македонски кадри и колку-толку да внесе нови луѓе во новата политика.

Не е моја задача или обврска да наведувам имиња, да правам дополнителна, лична или пристрасна ранг-листа на заслужни, од Глигоров надолу, или за некој над него, иако лебди чувството дека некои од тогашните функционери добија многу поголеми официјални признанија, преку име на улици, плоштади или установи. Заборавањето, потценувањето, елиминирањето, неспоменувањето или бришењето на имињата на носителите на независноста не само што ќе бидат историска измама пред нас сѐ уште живи и здрави туку ќе остават и длабоки траги и место за несогласувања и кавги меѓу идните генерации Македонци. Тие страници чекаат да се напишат, објективно и непристрасно, да бидат прилог на залагањата за вистина, за сплотеност, за слога и единство, за чесност, за напредок на државата воопшто. Без нив ќе се повторува неслогата, долго ќе живеат последиците од раздорот, онакви какви што сѐ уште живеат од поделбите од деновите на осамостојувањето.

Денес Северна Македонија има малку задржано од почетниот ентузијазам, од големите надежи за подобро утре. Секоја власт, од едната или другата партија, го ветува тоа, а го завршува мандатот фатена во лаги и корупција. Членството во НАТО и чекањето почнување преговори со ЕУ, иако надежни чекори, за жал, не се факторите што ги обединија Македонците, за кои понекогаш може да се помисли дека, всушност, не знаат што сакаат. Не само денес туку и низ целата нивна историја.

[email protected]