Градскиот музеј од Крива Паланка претстојниот викенд ја организира манифестацијата „Денови на македонските музеи“, која ќе се одржи на 27 и 28 септември. Целта на проектот е подобрување на состојбата и статусот на локалните музеи во Македонија и нивна видливост во јавниот простор. Предвидени се повеќе активности што треба да водат кон зацврстување на нивниот статус во општеството.

Целната група се осум локални музеи во државата: Музејот на градот Скопје, Народен музеј Велес, Музејот на градот Кратово, Народниот музеј на Св. Николе, Музејот на градот Неготино, Музејот и галерија Кавадарци, Археолошкиот и историски музеј од Виница и Градскиот музеј на Крива Паланка. Меѓу активностите во рамките на манифестацијата е организација на форум за формирање мрежа на локални музеи, брендирање на мрежата, изработка на веб-страница за промоција, изработка на промотивен материјал. На првиот работен ден ќе бидат презентирани состојбите со локалните музеи, практиките од соседните земји и ќе биде организиран форум. На вториот ден на манифестацијата, на платото пред Градскиот музеј, ќе биде организиран мини-саем на музеите, на кој ќе бидат презентирани промотивни материјали, сувенири, продукти и сл. од локалните музеи, како и од градовите од кои доаѓаат.