Во салонот „19,19“ во КИЦ-Скопје, денеска во 13 часот ќе биде претставена нова книга за деца „Заедно да растеме“ на Филип Димкоски. За најновото дело на младиот автор ќе зборуваат Горјан Петревски и Татјана Гогоска, а гости ќе бидат ученици од ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од Скопје и од музичкото училиште „Пиано форте“.

– Андреј, Дора, Срна, Филип, дедо Иле, Ана, Снешка, тато – Дедо Мраз, малиот музичар, чуварите на природата, Бојан, Сaрa, Милицa и Јaнкo, мама Светле, баба Лиле и уште други интересни ликови се сместени во поетската книга за деца „Заедно да растеме“. Ни еден од тие ликови не е измислен. Со сите сум се сретнал и од нивните случки произлегоа песните во книгата. Во првиот циклус „Јас, семејството и другарчињата“ ќе можете да ги запознаете нив, а во вториот дел „Запознај ме, засакај ме и јади ме“ се кријат интересни факти за овошјата и зеленчуците претставени низ стихови – вели Филип Димкоски.
Вратите се ширум отворени за сите деца, за сите љубители на детето, на литературата за деца и на оние што го негуваат детето во себе!