Вечерва во 20 часот ќе биде отворена 6-та самостојна изложба на Стефан Димовски во галерискиот простор на МКЦ. На изложбата авторот ќе се претстави со триесетина дела во комбинирана техника.

Димовски сериозно почнува да се занимава со акварел во 1995 година. Долгогодишниот престој во Франција му овозможува да воспостави контакти со познати акварелисти и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и во странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел).

– Акварелот нуди големи можности за експериментирање и како ликовен израз од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и познавање на техниката. Токму сето ова е присутно во творештвото на Стефан Димовски – вели кустоската Дора Андова Фотева.