Од градот велат за првата аеросолна и терестична ларвицидна акција за прскање јавноста ќе биде благовремено информирана

Муви, комарци и цели колонии од најразлични инсекти станаа постојани гости во домовите на скопјани, а градот сѐ уште ги нема ниту почнато теристичната и аросолната дезинсекција. Одговорните велат дека се реализира тендерската постапка, а допрва ќе информирале кога ќе се реализира првата фаза од дезинсекцијата од воздух и од земја, наместо веќе да е завршено првото, ако не и второ прскање. Зошто тендерската постапка не е порано направена не добивме одговор, но веќе со години познато е дека досега веќе се реализирала барем првата фаза, а тендерските процедури почнувале уште од март. Ларвицидната дезинсекција од воздух и од земја вчера се реализира во битолските општини, а главниот град сѐ уште чека.

И додека градските власти сѐ уште се занимаваат со тендерската постапка, комарците интензивно се размножуваат, бидејќи влагата и високите летни температури им годат на ларвите. Скопјани почнаа и по социјалните мрежи да прашуваат дали градските власти планираат да прскаат или ќе им се препуштиме на комарците да нѐ касаат.
Од градот Скопје велат дека е во тек постапката за јавна набавка, која подоцна ќе овозможи дезинсекција преку прскање, за која потребно е да биде постигнат договор.
Во изминатите години тендерот за дезинсекција на градот обично се распишува во март, за благовремено да се овозможи извршување на првата дезинсекција, која најрано би можела да се спроведе во мај.
– За првата аеросолна и терестична ларвицидна акција за прскање јавноста ќе биде благовремено информирана – велат од градот Скопје.
А дотогаш, скопјани за да не страдаат ќе треба да се спријателат со инсектите.