Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дедо Мраз остана без брада, спуштајќи се по јаже за да влезе кај малите пациенти хоспитализирани на Клиниката за детски болести и на Клиниката за онкологија, за да им подели новогодишни пакетчиња. Иако искусен во својата работа, доживеа една немила случка, најпрво му се заглави брадата на јажето на вториот кат од Детската клиника. Така заглавен, тој не можеше ни удолу ни угоре, па мораа да го спасат од Црвениот крст, со ножички да му ја исечат брадата, за да се ослободи. Ослободен влезе кај дечињата, кои неизмерно му се радуваа.

Во улогата на добриот дедо беше член од тимот за спасување на планина на Црвениот крст. Во пресрет на новогодишните празници, тимот за спасување на планина, како дел од тимот за одговор при катастрофи на Црвен крст на градот Скопје и волонтерите на Црвен крст Центар всушност сакаа преку показна вежба да ги израдуваат дечињата што во моментов се на болничко лекување. Вежбата и хуманиот гест кон најмладите се плод и на соработката на Црвениот крст од општината Центар и Бугарската амбасада во РМ. Над сто новогодишни пакетчиња им беа поделени на децата што се лекуваат во Детската болница во Козле. Пакетчињата се донација од бугарското министерство за надворешни работи.