Македонскиот ракометар и репрезентативец, десниот бек Кирил Лазаров, сезонава додаде два нови куриозитетни податоци на својата листа од ракометни остварувања. Тој стана првиот ракометар во светот што со четири различни екипи успеал да се пласира на фајналфор-турнирот во Келн во Лигата на шампионите (ЛШ) и еден од ретките што деветти пат ќе игра во полуфиналето во ЛШ, односно шести пат на завршниот турнир за престижната титула.

Француски Нант е четвртиот клуб, чии бои Лазаров ќе ги брани во борбата за титулата европски првак. Претходно македонскиот капитен во завршниците беше дел и од шпанските ракометни клупски великани Барселона, Суидад Реал и Атлетико Мадрид.
Првото полуфинале во ЛШ, Лазаров го имаше со унгарски Веспрем во сезоната 2002/2003, а првиот фајналфор го одигра во дресот на Суидад Реал во сезоната 2010/2011. Единствената титула европски првак, леворакиот „бомбардер“ ја освои со Барселона во сезоната 2014/2015 година.
Лазаров ја игра 18-та сезона во ЛШ или 17-та во низа, во кои досега постигнал 1.217 гола.