Деветтото издание на фестивалот „Здраво, млади“ ќе се одржи вечерва, на нова локација, во паркот на Младинскиот културен центар во Скопје. Целодневниот настан нуди богата програма, а освен многубројните музички гости од светот, претставници на електронска, техно, денс, поп, постпанк и хипхоп-музика, ќе има и други активности.

Како дел од придружната програма, најмладите посетители вчера беа дел од музичката работилница на Скот Меклауд, познат гитарист, пејач и текстописец и член на познатата американска група „Грлс агеинст бојс“. Во рамките на фестивалот ќе биде отворена и изложбата на фотографии на Зденко Петровски- ЗдеПе, насловена „МКЦ-документ“. Тој себеси се нарекува воајер со фотоапарат и, како што вели, низ своите фотографии сака да ја овековечи визуелна историја, за нас и за светот надвор од нас. И тоа не само како прилог кон колективната меморија, туку повеќе како љубовно писмо до идните генерации за тоа како се гради и одржува современа и автентична (суп)култура во еден убав град во неубаво време и средина, која секогаш почнува од почеток.

– Многу луѓе фотографирале во МКЦ, професионално или за душа, сеедно, но не биле сите дел од процесот, во смисла да се истовремено и публика, суштински да ги познаваат сцената, нејзината историја и луѓето околу неа, да јадат, пијат и спијат музика и да ја разбираат таа чудесна и за многумина ирационална, алхемиска страст за неа – велат организаторите во најавата на изложбата на Петровски.
На „Здраво, млади“ ќе ги слушнеме: „Ниплпипл“, „Оперејтерс“, „Стојче, Вивијан Коуч, „Конфорс“, „Свемирко“, „Фуџија и Миаги“, Матеј Фолц, „Риб“, диџеј Фиц, а ќе има и виџеј-сет на програмата „Скопје виа Берлин“.