Денот 9 Мај отсекогаш се славеше како Ден на победата над фашизмот и тој ден му припаѓа на целокупното слободољубиво човештво. Денот на победата масовно се славеше во сите земји од антихитлеровската коалиција од времето на Втората светска војна, а најактивно и најмасовно се прославуваше во Советскиот Сојуз, во источноевропските земји, како и во многу други земји низ Европа и светот. Во поранешна Југославија, како една од најактивните членки на антифашистичката коалиција, Денот на победата беше еден од најголемите и најзначајни празници.

Меѓутоа, денес, за жал, Европа и САД не останаа доследни на слободата и на идеалите од Втората светска војна. Вашингтон и Брисел се обидуваат да ги минимизираат и засенчат улогата и придонесот на поранешниот Советски Сојуз и на земјите од антифашистичката коалиција во таа војна и да го девалвираат значењето на Денот на победата како меѓународен празник, а Западот да го прикажат како главен носител на победата над фашизмот. Апсурдот со изопачувањето на значењето на Денот на победата стигна дотаму што честопати при анкетирањето граѓани во западноевропските земји во врска со овој ден, на прашањето кој го победи фашизмот во Европа, следува одговорот: „Америка“(!). Наместо да ги почитува идеалите на антифашистичката војна и на борците што го дадоа својот живот за слобода на човештвото од фашизмот, Западот денес ги продуцира неофашизмот и неонацизмот во Европа и пошироко во светот и ја толерира нивната преродба.

Како што е познато, на Балканот, Југославија, Грција и Албанија беа под германско-италијанско-бугарска окупација. Бугарската армија го окупира источниот дел на Македонија, каде што веднаш почна да воспоставува бугарска окупаторска власт и да спроведува масовна асимилација на македонскиот народ. Западните делови на Македонија беа под италијанска окупација, каде што исто така се применуваа сурови мерки и се вршеше геноцид врз македонското население како од страна на италијанскиот окупатор, така и од страна на балистите. Наставата се изведуваше на албански јазик, а македонскиот беше строго забранет. Во борбите за победа над фашизмот, само од територијата на вардарскиот дел на Македонија загинаа 25.000 борци и цивили.

Втората светска војна заврши на 8 мај 1945 година, со капитулација на нацистичка Германија, која ја потпишаа претставници од страна на поразената Германија и на антифашистичката коалиција. Актот на капитулација беше потпишан на 8 мај, во 23.01 часот по средноевропско време, односно во 00.01 ч. по московско време. Поради временската разлика меѓу Источна и Западна Европа, Денот на победата над фашизмот во западноевропските земји се одбележува на 8 мај, а во источноевропските на 9 мај. Во овие два дена во Европа и пошироко низ светот се одржуваа и се одржуваат масовни празнични манифестации и пригодни свечености. Денот на победата важи за еден од најзначајните празници на сите народи во светот и никакви други празници не може да се споредуваат со тој ден. Тој е посебен ден на жалоста, но и празник на гордоста и достоинството на сите народи што придонесоа за победата над фашизмот. Пораката за Денот на победата е порака за сеќавање на сите што го дадоа својот живот во борбата против фашизмот, а не за славење на ЕУ, која е само дел од денешна Европа.

Почнувајќи од 1985 година, земјите лидери на Европската Унија одлучија 9 мај, наместо како Ден на победата, што се однесува на источноевропски земји, да се слави како Ден на Шумановата декларација, односно како Ден на Европа.
За да им се додвори на ставовите на Западот и на ЕУ, актуелната влада на Р Македонија ги напушта идеалите на нашите предци и поголемо значење му дава на 9 Мај како Ден на Европа, на онаа Европа што не нè сака. Според политиката на нашата актуелна влада, може да се очекува во иднина, во согласност со договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, покрај другото, да бидеме обврзани Денот на победата над фашизмот да го одбележуваме заедно со Бугарите како наши пријатели. Мешана бугарско-македонска делегација паралелно ќе полага цвеќе на гробовите на бугарски војници што „херојски“ загинаа на окупираната територија на Македонија, како и пред спомениците на нашите борци од НОБ и НОАВМ што загинаа од рацете на бугарските војници. А во делот на Македонија што беше под окупација на италијанската војска и на балистите, паралелно ќе полагаме цвеќе на гробовите на борците од НОВ и НОАВМ и на гробовите на балистите. Такви парадокси може да се случуваат само во Македонија.

Во Република Македонија со разни пригоди и свечености 9 Мај по традиција сè уште се одбележува како Ден на победата над фашизмот и само како таков треба да важи и во иднина, а не како Ден на Европа односно на ЕУ на која не ѝ припаѓаме. Вангел Качев, Скопје