Пријатели на децата: Жаклина Мучева, новинарка и авторка за најмладите читaтели

„Мозаикот на Деби Му“ ја преработив на Брајово писмо и испечатив примероци за ресурсните центри во земјава, каде што доаѓаат децата со пречки во видот. Горда сум што „Деби Му“ стигна и кај овие деца, вели Жаклина Мучева

Педагог по професија, новинарка по занает, писателка по желба, ракотворка по хоби, хуманитарка во душа, другарка од срце, мајка и сопруга од големо задоволство, така себеси се опишува Жаклина Мучева. Таа е авторка на две книги за деца. „Мозаикот на Деби Му“ и „Деби Му го разбуди бувчето“, со кои на интересен начин комуницира со младите читатели. Како што ни откри, на повидок е третата книга од овој серијал.

Најпрво кажете ни нешто за себе, за вашата професија и откога датира вашиот интерес за децата и соработката со нив?
– Дете во срцето, тоа сум јас. Веројатно не го изживеав доволно долго детството, брзо пораснав, па затоа се навраќам често во тој период. Кога бев на професионален крстопат, се двоумев што да одберам: туризам, архитектура, педагогија, дефектологија… Педагогијата победи и за кратко време бев дипломирана, ама ветриштата ме однесоа во МРТВ. Ја преминав улицата што ги дели Филозофскиот факултет и Македонското радио и почнав нов факултет, кој го учев од моите драги колеги во радиото. Станав мајка и ме преместија во Редакцијата за програма за деца. Таму уживав со моите емисии и прилози за информативните емисии. Тогаш се осмелив со првата книга „Образованието во кибуците“, која најде своја читателска публика на факултетот од каде што излегов. Иако менував работни места, секогаш наоѓав начин да се поврзам со децата. Тие беа мои гости во емисиите во секоја пригода што одговараше за нив.

Што ве поттикна да ја напишете книгата „Мозаикот на Деби Му“ и откријте ни кој е всушност Деби Му:?
– На промоцијата на првата книга ветив дека следната ќе биде за деца. Поминаа години и мајка ми ме потсети на ветувањето. Бидејќи сум човек од збор, почнав да размислувам што би направила. Ја осмислив првата книга за деца, која нуди различни нешта. Кога ја стокмив, ми требаше некој да ја погледне и да каже некој збор, мислење. Младиот и квалитетен автор Филип Димкоски беше појдовната станица за патувањата на Деби Му. Со него тргна мојата авантура. Тој ме окуражи, а јас вистински му верував, иако е многу помлад од мене. Името беше мој предлог, како да сум јас во него целосно отсликана: содржински, концепциски, креативно и мисловно. Деби Му е зрнцето детство што го носиме сите ние низ целиот живот. Некогаш повеќе, некогаш помалку се јавува и нѐ поздравува.

Зошто ја одбравте токму оваа концепција на книга-поучен текст, со кој на децата им се објаснуваат поими од секојдневниот живот?
– Секогаш кога пренесувам некакво знаење сакам да биде што побогато, да изобилува со повеќе информации, но во исто време да не го оптоварам тој што треба да го восприеми. Така и во осмислувањето на концепцијата на „Мозаикот на Деби Му“ сакав да направам интересна, креативна и богата со информации книга. Но во желбата за информирање, не ги заборавив децата со пречки во видот. „Мозаикот на Деби Му“ ја преработив на Брајово писмо и испечатив примероци за ресурсните центри во земјава каде што доаѓаат децата со пречки во видот. Горда сум што„Деби Му“ стигна и кај овие деца.

Какви беа реакциите на младите читатели, но и на нивните родители?
– Веднаш по промоцијата, пријателите што ја купија книгата за нивните деца ми се јавија или ми пратија фотографија како детето чита или бои. Мојата радост беше бесконечна, како да се искачив на највисокиот врв. Интересно е што децата не ја читаа како класична книга, од почетокот па до крајот. Почнуваа од таму од каде што им се гледаше ним интересно. Девојчињата од приказната за ладалото или некој моден детаљ, а момчињата почнуваа од животните. Некои почнуваа со боење. Родителите рекоа дека читајќи со децата, и тие научиле нешто. Полн погодок, родителите и децата заедно минуваат квалитетно време. Тоа ми беше една од главните цели во конципирање на книгата.

По првата книга, следуваше втората „Деби Му го разбуди бувчето“. По што таа се разликува од првата или е нејзино надоврзување?
– Се разликува содржински, концепцијата и нарацијата останаа својствени за Деби Му. Љубопитно продолживме да бараме нови пријатели. Запревме со Деби кај животинскиот свет. Во втората книга ги запознавме децата со некои инсекти, птици и дел од морскиот свет. Малку знаат за овој дел од фауната, затоа низ приказни и илустрации за боење ги запознаа главните карактеристики на натрапничката мува, вредните мравки, елегантното вилинско коњче, малото колибри, брзиот ној, осумножниот октопод, големата ајкула… Дваесет и една приказна за големи и мали, исто толку илустрации за боење, вистинско доживување и истражување. Со двете досегашни книги сакам да ги поттикнам децата да продолжат со потрагата по нови информации. Да побараат фотографии во боја што ќе им ги прикажат јунаците од приказните на Деби, па така ќе знаат и кои бои да ги употребат за да ја финализираат илустрацијата.

И двете книги се украсени со прекрасните илустрации на Ивана Горичан, кои всушност се и боенки. Како дојде до оваа соработка?
– Ивана не ја познавав претходно. Повторно Филип направи добро дело и нѐ спои, а по сѐ изгледа таа спојка трае и ќе трае. Ивана се покажа како одлична илустраторка кога станува збор за зонтаг-техниката, која е присутна во двете книги. Оваа техника е во тренд и бев пресреќна кога таа ми рече дека знае што сакам и што барам од неа. Дека е вистински мајстор, докажа и покажа на втората промоција, кога пред публиката нацрта едно гоооолемо вилинско коњче. Возрасните ги убеди во способностите и талентот, а децата видоа како се „раѓаат“ илустрациите на Деби Му. Во меѓувреме Ивана дипломира и се занимава со поинакво сликање од она што го студираше, но кога некого го бива, се снаоѓа во сѐ.

Дали веќе е на повидок нова книга и каква ќе биде таа?
– Сѐ уште не ме напуштила љубопитноста на Деби Му. Тука е во мене, до мене, секаде каде што сум. Овој пат освојуваме медали, а што значи тоа, нема да откриваме сега, сѐ уште трае тренингот.

Кои се вашите најголеми поддржувачи, први критичари и мотив да истраете во својата замисла и да создавате за најмладите?
– Да кажам чесно, се плашам од Ребека и Сашо, ќерката и сопругот, толку се строги во оценувањето, мир немам. Кога тие ќе дадат позитивна оцена, мирна сум (ха, ха). Двете книги беа добро оценети од моите први и најдраги советници, затоа сигурно зачекорив во светот на Деби Му. Тука се и пријателите, кои секогаш ме поддржуваат и бодрат. Благодарна сум им на сите, особено на досегашните рецензенти Александра Јуруковска и Татјана Гогоска. Секако, тука е и издавачката куќа „Едука мак“, која е специјализирана за изданија за деца и со која имам убава соработка. Со нив продолжувам да ја растам „Деби Му“.