Секој вторник и петок метеж пред две градски бараки Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните на Скопје се на мака и чекаат во редови пред градските бараки за да ги исправат погрешните пресметки во решенијата за данок на имот или фирмарина. Некои забележале дека треба да платат двојно повеќе затоа што им била пресметана погрешна ставка, па поитале да ја исправат грешката. Тие што не забележале веќе си платиле онолку колку што им било наведено во документот

Турканици, чекање, нервози, секој вторник и петок во двете бараки на градот Скопје, пред даночното одделение и секторот за финансии. Граѓаните се на мака и понекогаш чекаат во редови за да ги исправат погрешните пресметки во решенијата за данок на имот или фирмарина. Дел од нив воочиле дека треба да платат двојно повеќе затоа што им била пресметана погрешна ставка, а други, пак, не се согласни со висината на пресметаната фирмарина. Се работи за документи и се работи за пари, па се чека со часови или со денови за да се исправат грешките на градската администрација. Некои велат дека доаѓаат и по неколку пати и пак не можат да завршат работа. Граѓаните револтирани поради метежот во двете градски бараки и долгите редови во иронија додаваат дека треба да земат годишен одмор за да завршат со обврските во градот Скопје.

Но во бараките на градското собрание за пресметка на данок на имот чекаат само оние кои ја воочиле грешката во нивните даночни решенија за пресметаниот данок на имот или фирмарина, но не и тие што во секојдневното брзо живеење само застанале на некој банкарски шалтер и си ја платиле бараната сума. Отпосле дури и да се пожалат, ќе треба да поминат долг пат и да изгубат многу време и повторно нема да бидат сигурни дали дел од парите ќе им бидат вратени или вкалкулирани во решенијата за идната година. Всушност, на решенијата за данок на имот стои и правна поука, која вели: „Против ова решение на градоначалникот на градот Скопје може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување. Тужбата не го одложува неговото извршување во согласност со членот 52 од Законот за даноците на имот“.

Скопјанец се пожали дека добил решение за данок на имот за станот во кој живее со пресметана сума повеќе од двојно, но за среќа успеал да ја исправи направената грешка.

– За станот во кој живеам добив решение за пресметан данок на имот во висина од 3.700 денари. Ми беше пресметана ставка од 0,10 отсто, што се пресметува за стан во кој не живеете, на пример, што го издавате под кирија, наместо да ми биде пресметана ставка од 0,5 отсто, што се пресметува за стан во кој живеете. Ја прочитав правната поука, но зошто да губам време по судови и бидејќи татко ми е пензионер и има време, со решението в рака отиде во градското собрание за да ја исправи грешката. Наместо 3.700 денари, требаше да платам 1.700 денари, што не е мала разлика. Луѓето не чекаат попусто таму, навистина никој не сака да плати повеќе од она што треба. На прашањето на татко ми зошто е направена ваква грешка, му било речено дека е грешка во системот, но пресметката ја прават луѓе, какво е тоа оправдување. Метежот во бараките секој вторник и петок покажува дека многу грешки се направени. Што да прават оние што не ја забележале грешката и веќе уредно си платиле – вели Горан А. од скопската населба Капиштец.

Оние што веќе биле и чекале пред градските бараки велат дека не може да разберат како може да се малтретираат до толку граѓаните и не по нивна вина. Прашуваат зошто досега не се најде начин како побрзо и поедноставно да се завршуваат обврските кон овие градски служби. Чекањето пред шалтерите навистина станува напорно во време кога сите некаде брзаат, а особено кога мораат во работен ден да излезат од работа и тоа не само еднаш.

Во градската администрација речиси е невозможно да се јави некој на телефонските броеви од бараката број 16 за данок на имот, а од градот Скопје велат дека граѓаните можат да комуницираат со градската администрација и на други начини.

– Во насока на подобрување на комуникацијата во вршењето на услугите, граѓаните можат на повеќе начини да комуницираат со градската администрација. Токму во оваа насока беше воведувањето на продолженото работно време на архивата на градот Скопје од 7:30 до 19:30 часот. Сепак, за одредени предмети и услуги, неопходно е лично присуство на граѓаните (за подигнување на одредени решенија и сл.). Во насока на избегнување на поголеми метежи, како и подобро организирање, градот Скопје организира во работни денови средби со странки поврзани со прашања за данок на имот и фирмарина во барака број 15, секој вторник и петок од 9 до16 часот.

Најчестите прашања кои ги имаат граѓаните од аспект на секторот за финансиски прашања се поврзани со грешки во решенијата за данок на имот, како и забелешки во однос на висината на решенијата. Нашите служби работат за брзо и професионално услужување на граѓаните, како и на исправање на грешките во решенијата – објаснуваат и не кријат за проблемот од градот Скопје.

Се поставува прашање, доколку има толку многу грешки зошто тогаш по службена должност тие не се исправат, односно зошто повторно не се прочешлаат решенијата или, пак, не се отвори телефон за пријава на сите граѓани кои имаат сомнеж, па потоа да се повтори пресметката и да им се испратат решенија со точни пресметки на данокот на имот. Од друга страна, пак, кој ќе сноси одговорност за направените грешки и кој ќе им ги надомести на граѓаните изгубеното време, нерви и можеби изгубените дневници на работните места.

[email protected]