Нуклеарниот реактор на Освалд не може да биде за индустриска намена, тој сепак е импресивен подвиг за 12-годишник

Играње „Плејстејшн“, одење во кино или играње со пријателите надвор е начин на користење на слободното време на повеќето 12-годишни деца. Џексон Освалд не го поминувал своето време како другите деца на негова возраст. За разлика од другите, тој постигна нешто што не можеле да направат дури и некои од најпознатите научници, тој изврши нуклеарна фузија во гаражата на своите родители во Тексаркана, Арк.

– Еден ден имав ненадејна епифанија. Сфатив дека би можел да бидам апсолутно најдобар во која било видеоигра, но на крајот тоа сепак не значи многу. Сфатив дека во големата шема на нештата, видеоигрите немаа никаква улога – напиша Џексон на форумот за аматерски физичари „Фусор“.

Младиот тинејџер Џексон одлучил да ѝ се посвети на науката и да продолжи со новото хоби, нуклеарна фузија, и така изградил нуклеарен реактор во својата соба. Наместо гледање видеоигри, Џексон Освалд почнал да гледа видеа за физика. Додека другите деца нарачуваат велосипед или играчка конзола за својот роденден или за Божиќ, Џексон нарачувал делови за нуклеарен реактор од „Ибеј“.

– Почетокот на процесот беше само учење за тоа што другите луѓе имаат направено за да создадат реактор за фузија. Потоа собрав листа на делови што ми беа потребни. Ги добив тие делови првенствено од „Ибеј“, а потоа честопати деловите што успевав да ги купам оттаму не беа токму она што ми требаше. Затоа требаше да ги модификувам, за да можат да го прават она што беше потребно за мојот проект – вели Џексон Освалд за „Фокс њус“.

Неговото семејство потрошило голема сума пари за собирање на деловите потребни за да го изгради својот нуклеарен реактор. Тинејџерот ја преобразил старата соба за игри во куќата на своите родители во нуклеарна лабораторија, со опрема вредна 10.000 долари, која користи 50.000 волти електрична енергија за да го загрее деутериумскиот гас и да ги осигури јадрата за ослободување на енергија. Џексон Освалд во процесот на конструирање на нуклеарниот реактор го користел онлајн-форумот за аматерски физичари „Опен сорс рисрч конзорциум“. Се потпирал на принципот на обиди и грешки за да се осигури дека ги презел соодветните мерки за изградба на реактор и успешно ги контролирал реакциите на фузија. Според „Фокс њус“, неговите родители многу малку знаеле за нуклеарна физика. Освалд непосредно пред својот тринаесетти роденден конечно успеал да го направи функционален нуклеарниот фузиски реактор.

– Да се биде родител на некој што е воден од голема пасија и одлучност 12 месеци е навистина импресивно да се види. Мислам дека секојдневно се обидуваше и учеше нешто ново, секој ден не успеваше и го гледав како продолжува да работи – вели за „Бизнис инсајдер“ неговиот татко Крис Освалд.

Џексон Освалд е можно да е најмладата личност што досега успеала да направи нешто слично, но тоа треба да биде потврдено од експертите. Освен што може да постигне нов светски рекорд, Освалд исто така би можел да добие разни препораки за стипендија. Во меѓувреме младиот Освалд има планови да изгради уште поголем нуклеарен реактор.

[email protected]