На дел од Македонците и на дел од Албанците не им е јасно што значи воведување на албанскиот јазик како службен јазик на територијата на РМ и што значи евентуална промена на името на РМ. Тоа се констатира бидејќи одредени „Македонци“ со леснотија велат „што ако Албанците зборуваат албански“ или „што ако се смени името на РМ“, а Албанците велат „што им пречи на Македонците и албанскиот да биде службен јазик во РМ“. За држава и видови на држави постојат меѓународни дефиниции каде што главни атрибути се територија, народ и власт.

Македонија ги има тие атрибути или критериуми и затоа е унитарна држава, со мнозински народ Македонци, македонски јазик, кој е кохзионен јазик и кој ги поврзува сите националности во РМ (впрочем како во Америка, Германија, Албанија и др. држави службени јазици се јазиците на мнозинството), потоа кирилско писмо, култура, историја и македонскиот јазик како службен се користи на цела територија на РМ. Малцинските јазици се користат на локално ниво, каде што малцинството или заедницата е 20 проценти. Според тоа, со воведување на албанскиот јазик како службен јазик се менува унитарна мултиетничка Македонија и се претвора во бинационална, двонационална држава, со тенденција да стане федеративна држава, нефункционална, а подоцна и распад на таа држава. Македонците не можат да си го дозволат тоа, бидејќи немаат друга резервна држава. Сограѓаните Албанци треба да сфатат и разберат дека се малцинство и дека во РМ ги имаат сите права во согласност со меѓународните конвенции, право на образование, вработување, афирмација и сл. Нека погледнат во соседните и европските држави дали такви права имаат малцинствата во тие држави, а особено Македонците во соседните држави.

Во однос на додавки, придавки на нашето уставно име, Грците бараат да се откажеме од вековното име, јазикот, историјата, културата, но и од македонското малцинство во Грција. Бараат да го смениме и Уставот, па ние сме независна држава и не ни требаат кумови, си го имаме вековното име Македонија, кое е световно име за нас Македонците и ниту НАТО ниту ЕУ ниту кој било друг не заслужува да се жртвуваме и да го смениме вековното име од дедо прадедо.
Со години се распродаваат националните интереси на РМ, се вршат предавства на својот народ и држава од страна на политичарите, кои мислат исклучително за сопствените интереси, а тоа е како да се збогатат или да заземат високи позиции во власта. Нашата цел на македонските патриоти, како сега така и во иднина, е да се спречи тоа, па предлагам да се преземат следните активности:
Да се здружат сите патриотски сили, како во РМ така и надвор, и да изградат заедничка платформа за настапување, но со ангажирање на младите (ученици студенти и др.).

Јавно, со јавна осуда да се жигосаат сите македонски јуди и предавници на македонскиот народ и држава, почнувајќи од највисоките раководители во власта, кои го промовираа примамливото мото „Живот за сите“, а кое Македонците го сфатија за подобрување на животот во економска смисла на зборот, зголемување на вработеноста, зголемување на стандардот на граѓаните и сл., а не разнебитување на РМ со воведување двојазичност и претворање на РМ во двонационална држава или промена на името на РМ. На уставното име ќе додаделе придавка, нека си додаваат на нивните имиња, таков мандат никој не им дал. Пратениците што земаат дебели пари и гласаа за неуставни закони, треба јавно да се осудат.

Следниот начин е правен начин, со поднесување кривични пријави за сторени кривични дела „велепредавство“, „загрозување на независноста“, „повреда на угледот на РМ“, „излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците“, „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, особено за начинот и носењето на Законот за јазици, начинот за разговори за името на РМ и сл.
Со подготвувањето и носењето на Законот за јазици се предизвикаа национална нетрпеливост како меѓу Македонците така и меѓу Македонците и Албанците, со што ќе се продлабочат нетрпеливоста и јазот.
Накрај напоменувам дека само со конкретни активности ќе се спречи разнебитувањето на Македонија, бидејќи во спротивно некои ја користат поговорката „кучињата лаат, карванот си врви“.

Петко Бурлијовски – Битола