(Повод: Скопје – европска зелена престолнина во 2021 година)

Ме израдува веста дека Скопје е кандидирано за европска зелена престолнина во 2021 година, но истовремено и се исплашив од сомнежот дека сме се залетале во нешто што не можеме да го исполниме. Неопходни се болни резови за да не ја дочекаме 2021 година со постојано отворени контејнери, неселектиран отпад, догорчиња и ѓубре, кои се фрлаат по улиците, зашто оценувачката комисија нема да ги гледа само новооформените зелени површини. Во февруарскиот билтен на градот не видов никаков акциски план за решавање на овие горливи проблеми. Освен тоа, Водно, белите дробови на градот, во своите пазуви крие неколку десетици или тони ѓубре и пластика. Пред неколку години „Пакомак“ направи сериозен напор и на Водно по патеките постави столпчиња со табли, на кои имаше убави пораки за чување на природата и за хигиена на просторот. Од прекрасната акција не произлезе никаков позитивен ефект, таблите се искршени, а загадувањето само се зголемува.

Уште од древниот Рим датира изреката „еден ќе накажеш, стотина ќе се поправат“. Мора да се почне со симболични казни, кои подоцна би се зголемиле. Алтернатива на паричната казна би било половина или еден час следење едукативни филмови од областа на екологијата и противпожарната заштита. Низ градот има доволно неангажиран деловен простор, кој може на одреден период да се закупи, за оваа едукативна намена. Може да се почне и со волонтери граѓани-инспектори, кои претходно би ја поминале неопходната едукација, или, пак, да се ангажираат со платен надоместок, дел од многубројните невработени лица. Во близината на секој ваков инспектор би се наоѓал униформиран комунален полицаец, кој би помогнал при конфликтни ситуации. Во неколку случаи сум видел низ градските улици како пушач ја допушува цигарата и го фрла догорчето неизгаснато, без да гледа каде ќе падне. Кој има таква навика, тоа ќе го направи и каде било, па дури и на Водно.
Убеден сум дека сега е вистинскиот момент да се направи болен рез и со голем организациски напор, едновремено да се реши и селектирање на отпадот уште на домашниот праг. Сѐ што е предложено за Скопје, постепено и со мало задоцнување, би се применило и во другите населени места, освен во Прилеп, кој во сегашниот момент е во понапредна фаза од Скопје.

Алтернатива на горе предложените мерки е да ја повлечеме кандидатурата за европска зелена престолнина 2021 година, со напомена: „Ние само се шегувавме“. Во тој случај, наместо за ефикасна превентива, истите пари ќе се поарчат за нови ППЗ-возила и канадери за гаснење шумски пожари. Северна Македонија нема излез на море, неа ја заплискуваат бранови на примитивизмот. Треба ли така да остане?

Борислав Влахчев