Да бил Чехов напреден, ќе беше конзервативен

Меѓунационалните тензии во Македонија ослабнаа. Одлично е тоа. Не е важно дали си Албанец, Ром, Турчин, Македонец, Србин, важно е колку вредиш како човек. Но, наместо да се свртиме од националните кон „класните“ противречности (да го споменам и јас Маркс), па да видиме зошто немаме средна класа (а кога средината е празна тоа се вика ѓеврек-држава), ние се поделивме по друга основа. Наместо да се прашаме дали е нормална онаа држава во која универзитетски професор или лекар има иста ДНЕВНИЦА со неквалификуван ѕидар, од 20 до 25 евра, ние почнавме да се пребројуваме на НАПРЕДНИ и КОНЗЕРВАТИВНИ, во политичка смисла.

Овие две етикети денес служат за сегрегација, а со тоа и за генерирање говор на омраза. „Напреден“ и конзервативен“, од дескриптивни станаа вредносни судови, односно амблеми што можете да им ги закачите на луѓето, посебно на интелектуалците, на градите или на надлактицата (како „жолта ѕвезда“). Притоа, во духот на најсјајните револуционерни традиции, најдобро е амблемот „напреден“ да го закачите на херојскиот граден кош на нашите „проевропски“ неолиберали и „револуционери“, а „конзервативен“ на надлактицата на оние што упорно се фатиле за патриотизмот, како за вратичето од ќенефот на прадедо им при голема нужда, па постојано нешто попуваат. И, во согласност со денес ретроградните учења за традицијата, историјата и идентитетот (во однос на постпостмодерната) – го туркаат НАЗАД македонскиот вагон, поставен на европски колосек. Тоа што никој не проверил дали можеби тој европски колосек одамна е слеп – никому ништо. Како да мора да е добар, ако е европски.

Но, таа поделба на „напредни“ и „конзервативни“ и низ историјата на човештвото многу често се покажувала како заблуда. Најубав пример е сатирата. Таа, како книжевна форма ја следи книжевноста од нејзиното настанување до денес, затоа што книжевноста отсекогаш се занимавала, покрај со поединецот, и со општеството. Сатирата, како општествена критика со елементи на исмевање, иронија и комика, е всушност еден од најжилавите капилари во литературното стебло на литературните родови, видови и жанрови. Аристофан, во комедијата „Жаби“ (темелите на таа книжевна вертикала), низ жесток хумор критикува препознатливи поети, политичари и филозофи од тоа време (дури ни Сократ не е поштеден). Тоа е време на воен судир меѓу Атина и Спарта, кога Аристофан изразува циничен сомнеж во тогаш „напредните“ идеи за воено решавање на конфликтот. Тој дури изложува крајно конзервативна теза: спасот е во враќањето кон традицијата и традиционалните морални вредности, симболизирани преку ликовите на Есхил!

Така, повикувајќи на традиција, критикувајќи ги тогашните политички „авангардисти“, тој станува нивен најголем непријател, чист конзервативец, а денес се смета за најнапредниот и најангажиран книжевник на своето време! Како би си поминал денес Аристофан во Македонија?
Или: делото на еден Михаил Зошченко, најпознатиот писател од книжевниот кружок „Серапионови браќа“, отворен критичар на руското постреволуционерно општество од дваесеттите години на дваесеттиот век, општество заслепено самото од себе и од „придобивките“ на Октомвриската револуција. Неговите цинични синтагми од типот „другар вујче“ или „другар татко“, предизвикаа револуционерите да го стават на „црната листа“. Причина? Конзервативен е, затоа што во време кога сите велат „ние“, тој верува само во „јас“. Конзервативен е, затоа што е против соц-реализмот како „единствена вистинска уметност на работничката класа“, смислен од Сталин и Жданов. Според нив, писателите треба да бидат „инженери на човековата душа“, а таа душа треба да има срце што чука како чекан врз срп само за работничката класа.

Тоа беше НАПРЕДНО, НАЈНАПРЕДНО мислење тогаш, но „конзервативецот“ Зошченко не го прифати! Конзервативен ти бил тој Зошченко и затоа што забележал дека најкрупната промена во постреволуционерното општество е тоа што „стариот воз на линијата Москва – Петроград е прогласен за нов воз на линијата Москва – Ленинград“ (Брана Црнчевиќ). Сепак, поради талентот и поради тоа што јавноста го сметала за „внук“ на „светото тројство“ на руската литература – Толстој, Гогољ и Чехов, Жданов и Сталин не можеле да го испратат во гулаг, во време кога Борис Пилњак, Исак Бабељ и Осип Мандељштам веќе се пратени со специјален воз во Сибир. И тоа е една од „револуционерните придобивки“ – гулазите. На Зошченко, како и на Ана Ахматова, пишува Брана Црнчевиќ, му направиле „мал, приватен Сибир. Во тој личен Сибир се смрзнувало тврдоглавото јас на Зошченко“. Неколкупати власта му има нудено „да се промени“, да не биде конзервативен, туку напреден, но без успех. Жданов, по повод укинувањето на списанието „Ленинград“ во кој соработувале Ахматова и Зошченко, за него вели: „Тој писател не е способен во животот на советскиот човек да пронајде ниту една позитивна појава, ниеден позитивен лик…

Зошченко навикнал да го исмејува советскиот начин на живот, советскиот поредок, советскиот човек, прикривајќи го тоа исмевање со маската на празна забава и ништожен хумор… Во советската книжевност нема место за такви гнили, безидејни и тривијални дела“.
Го болеле и Жданов и Сталин оние иронични синтагми од типот: „другар вујче“; тие иронични, боцкави искази на Зошченко доволно говорат како овој писател гледал на амовите што ги носат заслепените револуционери, како коњи што не треба да гледаат лево-десно, па дури и крвната врска „вујко“ или „татко“ ја подредуваат на идеолошката врска „другар“. Таа сатира Зошченко ја платил со цензура и со негово премолчување. Истата тажна судбина (иако во далеку поблага форма) ја дели и Чехов, „таткото“ на Зошченко, поради остриот брич на сатиричната критика на општеството. И неговата едночинка На главниот пат е цензурирана, па е печатена многу години подоцна. Зошто? Затоа што била „ретроградна“ по однос на тогашниот режим. Очигледно, секоја власт себеси се смета за револуционерна, а своите критичари за – конзервативни.

Затоа, сатирата е најдобар пример дека поделбата на „напредни“ и „конзервативни“ е многу несигурна работа. Тоа го знае и Брана Црнчевиќ, кога вели: „Најнапредната сатира е конзервативна. Таа се сомнева во сите промени, особено во оние ТЕМЕЛНИТЕ“. Па сега, драги мои, вие барајте си сличности меѓу разни македонски црно-бели или револуции во боја, преокупирани со „темелни промени“ или „радикални дисконтинуитети“ (едната синтагма ја користеше СДСМ, другата ВМРО) и времето на Зошченко, време на, исто така, заслепеност од револуциите.
Препорака до сите оние што лепат етикети: нека ги почекаат новите избори. Сигурно ќе добијат повисока функција: ќе поминат на лепење плакати. Нека не брзаат со вредносни судови. Треба да се има на ум: да биле Аристофан, Чехов, Нушиќ или Зошченко „напредни“ во денешната смисла на зборот (односно – да ги поддржувале некритички „модерните идеи“ на своето време) – денес никој не би ги читал, зашто би биле најголеми конзервативци. Би биле – „геројски“ полтрони на своето време.