Ѕвездата на „Капетан Америка“, Крис Еванс, и добро познатиот Џејмс Бонд, Даниел Крег, ги толкуваат главните улоги во новата мистериозна криминалистичка акција „Убиство за десерт“, во режија на Ријан Џонсон. Како што се наведува во описот на филмот, станува збор за детективска приказна во која се истражува смртта на патријарх од едно ексцентрично и борбено семејство.

Во улогата на патријархот, кој е жртва на убиство, се наоѓа Кристофер Пламер. Откако го убиваат на неговиот 85-ти роденден, во приказната се вклучува ексцентричниот детектив Беноит Блан, кој го игра Даниел Крег и сака да ја открие мистеријата околу убиството. Во другите улоги настапуваат Ана де Армас, Кетрин Ленгфорд, Тони Колет и многу други.

Џонсон се потпишува и на сценариото и на режијата, а инаку негово последно остварување беше „Војна со ѕвездите: последниот Џедај“. Филмските критичари веќе ѝ предвидуваат голем успех на неговата претстојна крими-акција.

Според неговата најава, филмот „Убиство за десерт“ носи многу забава и ветува вистинска акција на оваа криминалистичко-хумористична акциска мистерија, која ќе почне да се прикажува во кината од 29 ноември.