Американскиот претседател го обвинува ФБИ дека ја шпионирал неговата предизборна кампања во 2016 година и тоа во политички цели. Трамп порача дека ако се потврдат ваквите информации, тогаш тоа ќе биде најголемиот политички скандал во историјата

Американскиот претседател Доналд Трамп побара истрага за тоа дали ФБИ ја шпионирал неговата кампања поради политички цели во пресрет на изборите во 2016 година. Министерството за правда побара да се утврди дали имало неправилности и политички мотиви во начинот на кој ФБИ ја водел истрагата за руското мешање во изборите. Трамп порача дека ако се потврдат ваквите информации, тогаш тоа ќе биде „најголемиот политички скандал“ во историјата.

Републикански и конзервативни претставници тврдат дека инфилтрацијата во изборниот тим на актуелниот шеф на Белата куќа била наредена од администрацијата на бившиот претседател Барак Обама, пренесуваат светските медиуми.
– Барам, а тоа и официјално ќе го сторам, Министерството за правда да испита дали ФБИ или министерството се инфилтрирале или ја шпионирале кампањата на Трамп во политички цели. И дали барањето за такво нешто потекнува од луѓето од администрацијата на Обама – истакна американскиот претседател на Твитер.
Трамп, како што наведува „Асошиејтед прес“, ја промовира својата теорија, која циркулира низ конзервативните кругови во САД, за можната шпионажа на ФБИ над неговата кампања и предизборниот тим.

Американското министерство за правда побара од својот генерален инспектор Мајкл Хоровиц да се консултира со федерален судија за тоа дали проширената истрага на Судот за разузнавачка контрола во странство ќе најде нови докази за можното неправилно однесување во истрагата на ФБИ над оние што се осомничени дека соработувале со руски агенти.
Трамп лани во март објави дека Обама во октомври 2016 година наредил следење на активностите во кулата „Трамп“ во Њујорк, во која беше неговиот изборен штаб, како и неговата резиденција. Американскиот претседател не понуди докази за да ги поткрепи неговите тврдења. Тогашниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, ги отфрли обвинувањата, а подоцна пред Конгресот сведочеше дека внатрешната истрага не нашла докази за да ги потврди тврдењата на претседателот. Коми, сепак, подоцна беше отпуштен поради истрагата на ФБИ за наводното мешање на Кремљ во претседателските избори во САД.

Од друга страна, „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на актуелни и бивши функционери на ФБИ, минатата седмица објави дека најмалку еден владин шпион повеќепати се сретнал со претставниците на изборната кампања, Картер Пејџ и Џорџ Пападопулос. Весникот наведува дека шпионот разговарал со Пејџ и со Пападопулос поради сомнителните контакти што ги имале, а кои наводно ги поврзуваат со Русија.
Јавниот обвинител на САД Џеф Сешнс, заедно со републикански конгресмени, веќе побараа истрага за тоа дали претставници на ФБИ и на Министерството за правда ги злоупотребиле своите овластувања за следење и набљудување. Генералниот инспектор Хоровиц во март потврди дека ќе биде спроведена таква истрага.
Обвинувањата на Трамп ги споделуваат и дел од конзервативните медиуми во Америка. Дејвид Асман, водителот на бизнис-шоу на Фокс, порача досега немало ваков случај на политички мотивирано шпионирање.
– ФБИ и Министерството за правда беа ангажирани да го наместат Доналд Трамп за криминал што тој не го сторил – додаде Асман.


Џулијани: До 1 септември ќе заврши истрагата на Мјулер

Истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер за наводното попречување од страна на претседателот на САД Доналд Трамп на истрагата за можно руско мешање во изборите во 2016 година, ќе заврши до 1 септември, изјави Рудолф Џулијани, адвокатот на американскиот претседател.
Џулијани за „Њујорк тајмс“ порача дека од канцеларијата на Мјулер го информирале дека делот од истрагата што се однесува на попречување ќе заврши до 1 септември, но датумот зависи од тоа дали претседателот ќе се согласи да дојде на распит, јавува МИА.