Дали соништата може да се снимаат?

Соништата се една многу жива меморија за нешто што всушност никогаш не постоело. Кога сонувате всушност се наоѓате себеси внатре во некоја паралелна реалност, еден фантастичен свет, кој како да е единствено ваш, сопствен. Понекогаш не можете да се сетите на она што сте го сонувале, но понекогаш соништата ве прогонуваат со часови и со денови. Тие знаат да ве насмеат, но и силно да ве возбудат или исплашат!

Зошто сонуваме е едно од најголемите неодговорени прашања во бихејвиоралната психологија. Истражувачите понудиле многу теории за неопходноста од сонувањето, како што се: консолидирање на меморијата, емоционална регулација, симулација на заканите, но ниту една од понудените не може целосно да даде одговор на ова прашање.

Сонот претставува една сукцесија од слики, идеи, емоции и сензации што се јавуваат во мозокот, без учество на нашата волја, за време на некои стадиуми на спиењето. Содржините и целта на сонот не се сосема јасни, па затоа предизвикувале интерес во психолошката наука, филозофијата и во религијата. Толкувањето на сништата е обид да се извлече значењето на сонот преку барање одговор за пораката или смислата. Научната студија за соништата се нарекува онеирологија. Постојат многубројни обиди за толкување на соништата, од научни до шарлатански и неприменливи.

Најприфатено е Фројдовото толкување на соништата како внатрешна, несвесна или потисната желба или емоција. Тој ги објаснува соништата како манифестации на најдлабоките желби или анксиозности, честопати поврзани со потиснатите детски сеќавања или опсесии. Фројд сметал дека кој било сон всушност претставува ослободување на сексуалната напнатост. Во своето капитално дело „Интерпретација на соништата“, тој покажува дека сонот е всушност врската на несвесниот ум и реалноста. Она што е многу битно е дека сонот може да ја поттикне креативноста на умот, да биде еден вид инспирација.

Сонуваме во фазата на спиењето, која се нарекува РЕМ-стадиум (стадиум на брзо движење на очите), кога мозочната активност е силна и е многу слична на онаа кога сме будни. Но сонот може да се јави и во другите стадиуми на спиењето (ги има 4-5), па сепак, тогаш тој не е толку „жив“ ниту може да се запомни.
Должината на сонот е варијабилна, може да има траење од само неколку секунди, но и да трае цели 20-30 минути. Луѓето ги паметат оние соништа што се јавиле во РЕМ-фазата, ако токму во тие моменти се разбудиле.

Вообичаено е да сонуваме 2-3 сона во текот на ноќта, но има луѓе што сонуваат и повеќе од 7 сона во една вечер. Бидејќи РЕМ-стадиумот трае околу 2 часа, при спиење од околу 8 часа, тогаш е јасно колку траат нашите соништа.
Со напредокот на невронауката, кога многубројни техники за визуализација стануваат достапни, едно големо прашање станува голем предизвик дали сонот може да се сними.

Соништата се една многу жива меморија за нешто што всушност никогаш не постоело. Кога сонувате всушност се наоѓате себеси внатре во некоја паралелна реалност, еден фантастичен свет, кој како да е единствено ваш, сопствен. Понекогаш, не можете да се сетите на она што сте го сонувале, но понекогаш соништата ве прогонуваат со саати и денови. Тие знаат да ве насмеат, но и силно да ве возбудат или исплашат!
Во 2011 година научен тим на универзитетот „Беркли“ се обиде да ги сними соништата, а статијата за испитувањето е објавена во 2016 година. Слични студии понудија научниците од институтот „Макс Планк“ во Германија и универзитетот „Кјото“ во Јапонија. Еве накратко што е докажано.

Најпрвин, преку снимање на задните кортикални регии на мозокот може да се докаже дали некој субјект сонува или не. Овој регион е инволвиран во таканаречената генералната перцепција. Независно од тоа дали субјектот се сеќава или не, сонот е придружен со појава на високофреквентни бранови во оваа зона, токму во времето кога се јавува сонот. Тоа значи дека веќе постои битен индикатор дека ние сонуваме.
Дополнително, покажано е дека некои зони во мозокот се активираат во време на сонот исто како кога сме будни. Така, на пример, ако сонуваме зборување, се активира Верникеовата регија, која е одговорна за разбирањето на зборовите; ако гледаме некои ликови, се активира фузиформната зона одговорна за препознавање лица. Значи, кога се јавуваат некои видови перцепција, се активираат мозочни региони што се битни за оваа психолошка функција и во времето кога сме будни.

Постојат луѓе што се нарекуваат „луцидни сонувачи“, кои се свесни дека сонуваат. Тие се многу битни субјекти за истражувањата на сонот, бидејќи тие се основа за метакогниција, процес во кој е активен фронталниот кортекс. На пример, кога овие луцидни сонувачи сонуваат дека ги стискаат/опуштаат песниците, тогаш на функционална магнетна резонанција се добива активност на сензори-моторната кора. Тоа значи дека се постигнува еден вид снимање на акцијата претставена во сонот. Од друга страна, кога во сонот се доживува некоја емоција, се добива активност во амигдала (јадрото одговорно за емоциите). Има еден исклучок: не е можно снимање на слушна активност во задниот дел на мозокот, иако во сонот ние нешто слушаме.
Сепак, постои разлика во работата на мозокот кога сме будни и кога спиеме. Оние зони што се активни кога сме будни не мора да се активни кога спиеме.

Како и да е, науката оди напред и со помош на специјални компјутерски алгоритми се обидува да даде поврзаност помеѓу двете ситуации – реалната активност на мозокот и онаа што се случува при сон.

Јапонската група невронаучници се обидуваат преку алгоритми од вештачка интелигенција да дадат светлина во несвесниот дел на нашиот ум. Така, преку овие алгоритми тие даваат паралела на сонуваните содржини со она што е реалност. Оваа група успеала да формира бази на слики што им се покажуваат на субјектите и од нив се бара да го препознаат она што најмногу одговара на нивните соништа. На овој начин е можно дури и да се предвиди што клиентот ќе сонува во наредните денови!?
Како и да е, може да се каже дека соништата денес претставуваат валиден практичен тест за нашата реалност.

Симулацијата на оваа реалност овозможува во едно сигурно опкружување да се тренираат нашето однесување и стекнувањето вештини во ситуации на закана или, пак, како да се справуваме со одредени социјални ситуации.
Истражувањето на индивидуални елементи на сонувањето води до каскада нови прашања, но одговорите во моментот не се сосема задоволителни. Не е лесно да се соберат информации од несвесни субјекти. Неопходни се креативност и многу обиди и грешки, но напорот може да биде од помош за разбирање на широко неистраженото поле на хуманото искуство. Впрочем, ние луѓето поминуваме третина од животот во спиење и затоа овие истражувања се важни.
Да се надеваме дека и нашите соништа еден ден ќе станат реалност!

(Авторката е педијатарка и психолог)