Капиталните инвестиции никогаш не се реализирале целосно, а особено е намалена нивната реализација во последниве три години. Искуството покажува дека средствата наменети за капитални инвестиции секој септември, со ребаланс на буџетот, се пренасочуваат кон исплата на платите на јавната администрација, посочува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини

Буџетот за следната 2021 година, по напуштањето на парламентот од страна на опозициските пратеници, беше едногласно изгласан во неделата вечерта. Буџетот за следната година, Владата го темели на раст на економијата од 4,1 отсто од бруто-домашниот производ. Половина милијарда евра се предвидени за антиковид-мерки. За здравство има издвоено 664 милиони евра, за социјална заштита 1,47 милијарда евра, образование 465 милиони евра, а за развој на економијата 1,141 милијарда евра. Министерот за финансии изјави дека буџетот има неколку главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Иако со рекорден износ, за економистите, повторно е спорно дали и колку буџетот ќе биде и развоен и дали ќе се реализираат планираните капитални инвестиции.
– Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Капиталните инвестиции се 26,2 отсто повисоки од актуелниот буџет, 3,4 проценти од БДП или просек, кој во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици се предвидени средства и за сузбивање на ковид-кризата доколку има потреба – изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.
Економистите укажуваат дека е многу значајно за следната година како постпандемиска година да се реализираат планираните капитални инвестиции за истото тоа да има ефект во економијата.

– Буџетот како и секогаш досега е рекорд во вкупниот износ. Растот на буџетот е многу поголем отколку растот на бруто-домашниот производ, но сега влегуваме во поголем дефицит поради парите што треба да се трошат за здравствените предизвици. Но од друга страна, колку е поголем износот, толку се поголеми можностите за манипулации и измами од страна на власта – вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Тој посочува дека, за жал, со децении реализацијата на капиталните инвестиции е дискутабилна, односно истакнува дека плановите во буџетот никогаш не се реализирале целосно.
– Искуството покажува дека јавните инвестиции се користат за да ги задоволат потребите на избирачите во одредени делови од државата, со ветување дека ќе се гради овој или оној пат. Капиталните инвестиции никогаш не се реализирале целосно, а особено е намалена нивната реализација во последниве три години, па дури имавме најави дека ќе се реализираат овие инвестиции во есенските месеци, по критиките дека цела година биле многу ниски. Искуството покажува дека средствата наменети за капиталните инвестиции секој септември, со ребаланс на буџетот, се пренасочуваат кон исплата на платите на јавната администрација.

Втора работа е што иако со години се зборува за намалување на вкупната јавна администрација, напротив, таа секогаш се зголемува, и тоа за задоволување на потребите на партиските активисти. За жал, со ваков пристап, дебатата во парламентот отсуствува, туку само се замајуваа јавноста со нивни некои политики. Иако во Собранието треба да се оправда секој денар, тоа не го гледаме, ниту пак опозицијата го бара тоа од Владата. Сметам дека оправдани се парите само за во здравството, додека другите ќе видиме дали и каде ќе се искористат. Сега не е време за популизам, ниту е време за самопофалби – нагласува Хајредини.