Растечката нееднаквост ги загрозува најосновните демократски принципи во САД

Мајкл Томаски

Пит Бутиџеџ, кој покажа импресивна умешност како добро се поставуваат работите уште во првите денови од претседателската трка во 2020 година, неодамна одлично поентираше кога Чак Тод од Ен-би-си го праша за капитализмот.
– Се разбира, јас сум капиталист бидејќи Америка е капиталистичко општество – рече тој, нагласувајќи дека „тоа мора да биде демократски капитализам“.
Бутиџеџ рече дека кога капитализмот станува неконтролиран од демократските проверки и импулси, тогаш тоа повеќе не е тип на капитализам што некогаш нудеше широк просперитет во Америка.

– Ако сакате да видите што се случува кога имате капитализам без демократија, тоа многу јасно можете да го погледнете во Русија. Тој се претвора во крони (ортачки) капитализам, а тој се трансформира во олигархија – нагласи Бутиџеџ.

Освен што му овозможи на градоначалникот на Саут Бенд, Индијана, да одговори на прашањето со кое се мачеа други претседателски кандидати, ваквата реторика нѐ потсети на клучната поента дека постои, или треба да постои, демократски елемент во капитализмот и економски елемент во тоа како ја дефинираме демократијата.

Впрочем, олигархијата има свој економски елемент. Всушност, тој е експлицитно економски. Олигархијата е владеење на малкумина, и тие малкумина уште од времето на Аристотел се сфатени како луѓе со богатство, имот, благородништво или што било друго.

Но некако, како што дефиницијата за демократијата ни се предаваше од година на година, зборот почна да означува постоење и остварување на неколку основни права и принципи. Народот, односно демосот, не е заситен од некоја особена економска карактеристика. Тоа не е во ред. Нашата дефиниција за демократија треба да се менува.

Демократијата не може да се развива во контекст на гротескна концентрација на богатство. Оваа идеја не е ниту нова, ниту радикална, ниту туѓа. Таа е стара, водечка и американска колку и Томас Џеферсон.

Со причина се повикувам на Џеферсон. Секој знае како тој го поминал своето време летото 1776 година, пишувајќи ја Декларацијата на независност. Но со што се занимавал таа есен? Тој беше член на Долниот дом на парламентот на Вирџинија и ја презема иницијативата за пишување и поднесување на легислативата за укинување на законите на Комонвелтот што ги поддржуваа ограничувањата за задржување на големите имоти во семејствата со генерации и право на наследство на првородените деца.

Дали станува збор за чиста коинциденција што Џеферсон од пишување на основачкиот документ на демократијата се префрлил на пишување на нацрт-законот за укинување на законите за наследство пренесени од Англија? Тешко. Тој верувал, како што генерално верувале сите основачи на САД, дека прекумерното наследено богатство во суштина е некомпатибилно со демократијата.

Тие најмногу биле загрижени за наследеното богатство, како што бил и шкотскиот економист Адам Смит, на кого конзервативците постојано се повикуваат до денес, но кој, всушност, бил згрозен од пропагандистичката фраза „данок на смртта“, бидејќи во нивно време, наследеното богатство било угнетувачкиот економски проблем.

Но нивните економски грижи не биле ограничени само на тоа. Тие јасно ја гледале врската меѓу демократското здравје и општиот економски просперитет. Тука е Џон Адамс, кој не бил баш најдобриот пријател на Џеферсон. Тој еднаш напишал дека сите елементи на општеството мора да соработуваат со демократскиот принцип, дека крајната цел на целата влада е среќата на луѓето и дека во однос на тоа треба да се обезбеди најголема среќа на најголем број луѓе. „Среќа“ за основачите значела економска благосостојба и забележете дека Адамс ја нарекува „демократска“.

Значи, да, демократијата и типот економска нееднаквост што ги видовме во САД во изминатите децении не се мешаат. Некои ќе се приклучат кон ова и ќе речат дека многу нации се уште понееднакви од САД, ама и понатаму се демократии – како Јужна Африка, Бразил или Индија. Но дали тие се модели кон кои треба да се стремат САД?
Голем број научници ги изнесоа овие аргументи во изминатите години, особено Ганеш Ситараман во својата книга „Кризата на Уставот на средната класа“. Сите тие трудови се од витално значење. Но сега, кога некои политичари го кажуваат истото, конечно можеме да имаме широк национален дијалог што очајно ни беше потребен со години.

Берни Сандерс предложи данок за наследство што основачите би го сакале, а Елизабет Ворен предложи данок на имот што сигурно би го одобриле. Но не мора да бидете поддржувач на кој било од овие кандидати или на нивните планови за да ја поддржите општата идеја дека голема концентрација на богатство е недемократска.

Политиките што се изградени околу оваа идеја нема да ја претворат Америка ниту во Советскиот Сојуз ниту во Венецуела. Тие ќе ја претворат во нација каква што основачите имаа намера да изградат. Како што сугерираат зборовите на Бутиџеџ, токму така треба да одговараат демократските кандидати на прашањето за социјализмот (со очигледниот исклучок на социјалистот Сандерс), а не со: „јас сум капиталист и затоа сакам капитализмот да се промени“.

Споменик на Томас Џеферсон во Вашингтон: основачот и трет претседател на САД сметал оти огромната
концентрација на богатство е недемократска

Авторот е уредник на списанието „Демократија“