Трајковски и Хендрикс остварија двоен ефект

Македонската кошаркарска репрезентација во драматичен натпревар оствари значајна победа на гости кај селекцијата на Косово со 76-73, со што е чекор поблиску до пласман во квалификациите за ЕП 2021

Ова е значајна победа и среќни сме поради тоа. Бевме солидни во одбраната, но немавме одговор за Бериша. Во финишот, мечот неочекувано излезе од контрола, но успеавме да ја задржиме предноста и заслужено да триумфираме. Не сакаме други да одлучуваат за нас, како што тоа беше лани. Сега, за нас следува Романија, а со победа ќе бидеме поблиску до следната фаза од квалификациите, изјави Јорданчо Давитков, македонскиот селектор.

Македонските кошаркари остварија мошне вредна победа со 76-73 (20-16, 14-13, 14-20, 28-24) во обидот да се вратат во европската елита и тоа на жешкиот терен во Приштина против Косово, меч по кој Давитков разбирливо, беше задоволен и расположен. Центарот Бојан Трајковски беше нaјефикасен во црвено-жолтиот состав со 17 коша и 11 скока, а двоен ефект имаше и Ричард Хендрикс со 10 коша и 12 скока. Дамјан Стојановски реализира 15 поени, Стојан Ѓуроски 14, Љубомир Младеновски девет поени. Кај противникот вообичаено најдобар беше Дардан Бериша, кој впиша дури 32 поени.

Во групата Б, покрај Косово е и Романија, со која Македонија ќе ги одмери силите утре во СЦ „Борис Трајковски“ (18.15 ч.). Романија има 17 настапи на ЕП (во 2017-та како домаќин, а пред тоа во 1987 година), двапати завршила како петта (1957 и 1967 година), а еднаш успеа да се квалификува за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Хелсинки во 1952 година.
Пласман во квалификациите за ЕП 2021 обезбедува само првопласираната репрезентација во групата, а другите ќе играат во уште еден претквалификциски циклус. 


Влезниците за мечот со Романија по 100 денари

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) реши влезниците за дуелот против Романија во претквалификациите за ЕП 2021 да чинат по 100 денари, за трибините во салата да бидат исполнети што повеќе. Влезниците за овој натпревар се веќе пуштени во продажба на продажните места на Мк тикетс, како и онлајн на линкот karti.com.mk. Tиe ќе можат да се купат и на билетарницата при СЦ „Борис Трајковски“ утре, од 14 часот.