Проектот „Соли“ претставува напредна технологија за интеракција со движења без допир, која користи минијатурен радар

Компанијата „Гугл“ развива нова технологија за сензори преку користење на радарската технологија. „Соли“ претставува најновиот проект на „Гугл“ преку кој се испробува најновата сензорска технологија за интеракција. „Соли“ може да биде наменет и како детектор за интеракција, кој користи мерен инструмент што може да го следи движењето на човечката рака. Детекторот има способност да следи микрометарски движења со голема брзина и точност. Овој сензор е вметнат во чип со мала големина, тоа значи дека може да се произведува и вградува во мали уреди и секојдневни паметни предмети.

„Соли“ е нова технологија на сензори што може да има повеќе намени како: следење и известување на минијатурно движење и опсег, радиолокација, инструмент за мерење, систем за мерење или уред за мерење. Сите овие работи може да се обезбедат без допир, поточно со гестови или движење на раката. Со „Соли“ се создава уред што ќе поседува сеприсутен јазик за интеракција со гестови, што ќе им овозможи на луѓето да ги управуваат уредите со директен, универзален сет на гестови. Повеќето експерти за напредна технологија велат дека во иднина ќе постои универзален уред за интеракција со технологијата. Создавачите на овој уред кажуваат дека „Соли“ ќе биде еден таков универзален уред преку кој ќе може да се врши интеракција со другите уреди, но со движење на човечката рака.

Сензорот „Соли“ е технологија што работи со емитување магнетни бранови што имаат широк опсег. Кога што поминува зракот низ објекти се распрснува енергија, а дел од енергијата се рефлектира назад кон микробрановата радарска антена. Повратната енергија се вчитува и дава податоци. Уредот ги вчитува карактеристиките на повратниот сигнал, како енергијата, временското задоцнување и фреквенцијата.

Наедно сензорот исто така дава податоци за карактеристиките и динамиката на објектот, заедно со големината, формата, ориентацијата, материјалот, растојанието и стапката на движење на објектот. „Соли“ е програмиран на таков начин што може да ги следи динамични гестови изразени со фини движења на прстите и раката. За да се постигне ова, сензорот е вграден во чип-уред, кој ги обработува овие податоци со соодветно приспособен хардвер, софтвер и алгоритми. За разлика од постарите сензори за микробранови радарски сензори, на „Соли“ не му се потребни огромни информациски мерења и голема просторна резолуција.

– „Соли“ работи на основните принципи за сензација и дава висока резолуција на движењето преку рафинирани промени во рамките на примениот сигнал што ги следи со текот на времето. Тој може да се програмира да разликува напредни движења на прстите и облиците на раката меѓу своето поле – велат од „Гугл“ за „Медиум“.

Оваа технологија ќе има можност за разни апликативни дејства. Според досегашните истражувања, со оваа сензорска технологија со разни движења на прстите може да се намалува или зголемува височината на тонот на музика, да се прелистуваат опции, да се вклучуваат или исклучуваат паметните уреди што го поседуваат чипот „соли“.

Преку создавање и развивање на овој вид уреди на мала врата се отвора можноста за развивање на холограмската технологија. Новата радарска технологија би овозможила поголема и поквалитетна интеракција со холограмот, а наедно ќе може полесно да се манипулира со холограмските слики. Така, на пример, тие ќе може да се вртат, зголемуваат, намалуваат и прелистуваат или со одреден гест на раката да се тргнат сите апликации од уредот со кој се манипулира.