Настаните поврзани со преговорите се менуваат толку драматично последниве неколку недели, што станаа и тешки и мачни за следење за јавноста во земјава.
Во меѓувреме и македонската и грчката страна тврдат дека досега е направен исклучителен напредок во преговорите за решавање на спорот за името, но одложувањето на најавениот телефонски разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ја разбранува јавноста во двете земји и ги подгрева шпекулациите за тоа кога би се случил разговорот или, пак, би се реализирала средбата меѓу двајцата лидери во Мала Преспа, како што претходно беше најавувано како можност.

И додека двете страни изразуваат оптимизам, тврдат дека ова е најдалечната точка до која двете земји некогаш стигнале во решавањето на 25-годишниот спор, премиерот Заев во саботата, за време на неговото обраќање во рамките на проектот „Предизвик за млади истражувачи“, не даде изјава околу спорот за името, со образложение дека не сакал да го засени настанот посветен на децата.
Во меѓувреме, преговарачкиот процес беше главна тема на грчкиот печат. Атинскиот весник „Катимерини“ пишува дека преговорите меѓу Грција и Македонија се во застој, а причина е „интерпретирањето“ на правните документи, а не во принципите на договорот.

Весникот пишува дека околу ситуацијата постојат видни разлики меѓу премиерот Заев и министерот за надворешни работи. Скоро истовремено, слична информација публикуваше и весникот „Та неа“, кој во своето последното издание напиша дека внатре во Владата на Скопје, има поделба, а поделбата ја предизвикува министерот Димитров, кој продолжува да игра лична игра.
На овие шпекулации вчера остро реагираше портпаролот на македонската влада Миле Бошњаковски, кој ги отфрли тврдењата во некои медиуми за наводни поделби и разногласија и истакна дека Владата е единствена и посветено работи на решавање спорови, како и на јакнење на достоинството и на идентитетот на граѓаните на Република Македонија.

– Премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и целокупниот состав на Владата на Република Македонија се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и на идентитетот на граѓаните на Република Македонија – изјави за МИА портпаролот Бошњаковски.
Во контекст на овие случувања, за забележување се и пишувањата на домашните портали, кои повикувајќи се на неименувани дипломатски извори информираат дека идната недела германската влада ги повикува на средба престапниците на двете држави.
Според пишувањата на медиумите, оваа евентуална посета се смета за последна шанса за западно посредување во спорот за името пред самитите на ЕУ и на НАТО, кои се закажани во јуни и во јули.