И покрај сѐ понискиот стандард, сепак, повеќето граѓани на Кичево не се откажуваат од традицијата барем 7 дена во текот на летото да поминат на некоја од морските или езерските плажи во соседството или во некое од познатите одморалишта во подалечното опкружување. И годинава во изборот за летен одмор доминираат Грција и Албанија, нешто помал интерес владее за Турција, Хрватска и Црна Гора, а поретки се оние што се одлучуваат да летуваат во Шпанија, Италија или Египет.

– Нашите сограѓани со децении не ги менуваат навиките годишниот одмор да го поминат во некое летувалиште во соседна Грција или Албанија. Повеќето клиенти практикуваат да летуваат во текот на јуни во периодот кога цените за летување се многу пониски или кон крајот на август и почетокот на септември. Се бараат претежно аранжмани со појадок, додека ретко кој бара пакет-аранжман или сместување во хотел – велат од најстарата туристичка агенција во градот.
И самите летувалци не сакаат да ги менуваат навиките и како најважни приоритети за летување во овие земји ги посочуваат близината до дома и можностите за лесна комуникација со домаќините.

– Околу две децении без прекин летуваме во некое одморалиште во северна Грција. За да се одлучиме да летуваме кај нашиот јужен сосед, најважни се близината, со само 4 часа пат сме на море, потоа земјата е добро организирана, сместувањето солидно, водата чиста, лесно се разбираме и немаме причина да бараме нова земја и нови летувалишта – вели Александар Наумоски, еден од многуте летувалци од Кичево кај нашиот јужен сосед.

Во двете најважни дестинации летуваат претежно фамилијарни луѓе, кои на одмор одат претежно со сопствен автомобил со полн багажник храна, но помладите се определуваат за летување во некоја од подалечните земји како Шпанија, Турција, Египет или Малта и бараат хотелско сместување со пакет-аранжман.

– За разлика од семејствата што практикуваат да летуваат во соседството по стар проверен рецепт, со храна донесена од дома, младите парови или поединци се одлучуваат за летување во попривлечните и поатрактивни летувалишта во Хрватска, Шпанија, Турција или Египет. Претежно претпочитаат хотел со аранжман во кој сѐ е вклучено, иако нивниот број не е преголем, сепак оваа бројка од година на година е сѐ поголем. Карактеристично е што за нашите езера не постои речиси никаков интерес и поради големата близина на Охрид, нашите сограѓани практикуваат викенд-престој и еднодневни тури, бидејќи во двата правци имаат патување од само 90 минути – додаваат од друга туристичка агенција.

И за разлика од пред 10-15 години кога граѓаните претежно сами си ги организираа патувањата, денес е сѐ поголем бројот на летувалци што годишниот одмор го организираат преку некоја од туристичките агенции во градот и сметаат дека е тоа најсигурниот начин за безбеден годишен одмор.