Разграничувањето, односно добивањето ексклузивитет на наследството од антиката, сега се чини дека беше една од тежишните цели во потконтекстот на наметнатиот спор за името, во кој „првата страна“ успеа да го добие со спогодбата, при што се изедначени антиката и елинизимот

Додека Владата на Република Македонија оваа седмица живее во исчекување (и неизвесност) за „првата награда од постигнатата спогодба“ со Грција, во форма на добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, на домашен терен не стивнуваат сомневањата и анализите за тоа што навистина добива, а што дава македонската страна со договорот потпишан во Нивици, на 17 јуни.

– Антиката и хеленизмот не се синоними. Антиката е многу поширок поим, таа опфаќа ист период, но на многу поголема територија и на многу поразновидни култури. Имате антички Египет, имате античка Месопотамија, имате античка хетинска држава, која е постара и од Египет, имате етурска цивилизација, која е многу постара од римска и сето тоа е антика. Имате антика на Балканот. Впрочем и Грција е на Балканот. Меѓутоа, на секој чекор имате антички споменици. Тоа е толку смешно да кажете дотука е антика оттука не е. На секој чекор имате наоди како Стоби, Хераклеја, големи наоѓалишта, а кои се несомнено од антички период.

А хеленски и хеленистички… Хеленски е само во државите што биле полиси: Атина, Спарта итн. Тоа се хеленски, а хеленистички е сѐ до падот на последната македонска династија кога доаѓа Римското Царство. Тоа е хеленистички период и во филозофија и во етика итн. Сега тука денешните Грци поставуваат монопол врз некаква идентичност, идентитетот дури и на Античките Македонци и Хелените – вели професорот по филозофија и пратеник во Собранието на РМ, Ферид Мухиќ.
Тој ги посочува и примерите.

– Јас ќе дадам два примера, кои ги реков и во Атина пред 25 години, и кои се непобитни. Тие стриктно се разграничуваа историски. Хелените од времето на Александар Македонски (и татко му Филип Македонски), апсолутно не се сметаа идентични со нив, туку се сметаа супериорни. Македонците тие ги сметаа за варвари и во тој контекст Аристотел 40 години живеел и бил признаен од цел хеленски свет за најголем филозоф, 40 години живеел во Атина и не добил државјанство, дека тој е варварин Македонец, не е Хелен и не може да го добие. Има уште еден поголем пример. Кога Александар Македонски тргнал на својот воен поход, се приклучиле сите држави, освен онаа најзначајната, највоинствената, Спарта. Спартанците напишале писмо и направиле еден голем споменик од железо велејќи: „Нам лаконците не ни доликува да ни командува еден варварин. И ние со него не одиме. Срам да им е на сите Хелени што тргнале по варварин“.

Во истиот контекст, за асиметричниот историски аспект на Преспанскиот договор, со кој македонската (втората) страна прифаќа многу повеќе обврски, кои историски ја менуваат генезата, и дека првата страна (Грција), „ја добива привилегијата на цензор на внатрешното уредување на Република Македонија“, се изјаснија повеќе и домашни, но и европски познавачи на тридеценискиот соседски спор. Една од таквите одредби во спогодбата, која на првата страна ѝ го дозволува „цензорското право“ е ставот 5 од членот 8, во кој се предвидува дека „во рок од еден месец од потпишувањето на оваа Спогодба, страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, кој ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди“. Имено, тој комитет треба да „изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства, кои се користат во секоја од страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. Интересно е што грчката страна, веќе има подготвено 140 коментари на повеќе страници, во кои се бара Македонија да ја смени содржината на стотина учебници, во кои, според Атина, има „иредентизам“, обид за извртување на историјата. Македонската страна, наводно, досега има само една забелешка.

– Едно цензорско тело, составено од Грци (Северните ќе бидат само декор) ќе контролира сѐ и ќе укажува на нашиот „патриотски говор“, кој всушност е забранет со оваа спогодба… Историската наука нема да мора да постои. Во окупирана држава историјата ви ја пишуваат други. Учебниците од кои учат децата ќе бидат контролирани од Атина и од Софија. Баш ме интересира како овие два центра ќе се согласат околу „нашата“ историја. Да не предизвика тоа нов конфликт на Балканот?!… Во целиот свет децата учат за освојувањата на Александар, поткрепено со мапи каде што пишува Македонија, ама кај нас децата ќе ги држиме во блажено незнаење за да бидат и тие подобно неписмени… Со потпис ги признаа Грците како единствени директни наследници на антиката, со што во својата полуписменост згазија една широко прифатена научна вистина: дека ниту еден народ од антиката нема свој директен модерен наследник… – пишува професорката Солза Грчева, претседателка на партијата „Глас за Македонија“.

Разграничувањето, односно добивањето ексклузивитет на наследството од антиката, се чини дека беше една тежишна цел на потконтекстот на наметнатиот спор за името, во кој првата страна успеа да го добие со спогодбата, при што се изедначени антиката и елинизмот, утврдено во ставот 4 од членот 7 на спогодбата.
– Елинскиот период всушност ја означува новогрчката историја, историјата на современите Грци. А во историската наука постои и разлика меѓу хеленистички и хеленски период. Хеленистичкиот период временски се одредува со периодот на почетокот на освојувањата на Александар Македонски (3 в. пр. н.е.), до 31 г. пр. н.е., кога пропаѓа и последното кралство во кое владеела македонската династија на Птоломеите. Хеленистички, всушност, значи грцизиран период, а не грчки и претставува нова етапа во античката историја, во која главни актери се Античките Македонци, па затоа овој период во англосаксонската литература се нарекува и македонски период (macedonian period). Грчки (старогрчки) е всушност хеленскиот период на градовите-полиси како Атина, Спарта… и му претходи на хеленистичкиот период. А под антика во историјата се зборува за хеленскиот, хеленистичкиот и римскиот период, сѐ до Византија. Не знам дали зборот „елински“ во спогодбата меѓу Македонија е Грција е употребен како несоодветен превод од англискиот јазик, зашто во западноевропските јазици за елинизам се говори хеленски – вели македонската историчарка Наде Проева, класицистка, чиј научен интерес е најмногу насочен токму кон историјата на античка Македонија.