Фото: Маја Јаневска-Илиева

Опозициониот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сѐ уште ги слуша наредбите од неговиот пастир, кој како азилант ги ужива привилегиите и благодатите на Виктор Орбан во Унгарија и така лаконски без „трошка“ грижа на совеста плови по реката Дунав. Никола Груевски сигурно долго размислувал пред да ја донесе конечната одлука за бегство од матичната земја и кога истекувал песочниот часовник констатирал дека е подобро да плови со „бела лаѓа“ по Дунав, наместо да лежи во „Идризово“. Груевски сигурно има аверзија од самата помисла дека требаше да биде во КПД „Идризово“, каде што до пред извесно време затворска казна одлежувале Велија, Љубе и други што беа против неговиот деспотски начин на однесување.

Јас, лично и персонално, по вокација сум економист и довчерашен одбојкарски судија и не сум надлежен и компетентен да ги анализирам и преценувам квалитетите и способностите на Мицкоски, но како долгогодишен новинар можам само со спортски жаргон да кажам дека Мицкоски, народски кажано, е „перница со две лица“. Па, така, едното лице е да го лаже сопствениот народ дека кога повторно ќе дојдат на власт нема да крадат како Грујо и неговата свита, туку ќе тече мед и млеко по целата земја.

Другото лице на Мицкоски е за надворешна употреба, надвор од нашите граници, каде што „без срам и перде“ пред европските челници ја критикува актуелната надворешна политика на актуелната владејачка гарнитура, на чело со Зоран Заев. Мицковски како да ги заборави своите претходни противења за промена на името, бојкотот на референдумот и голем број други опструкции во водењето на надворешната политика на актуелната владејачка гарнитура.

Сѐ додека го слуша Груевски од Будимпешта, пратеничко опозициско јадро на ВМРО ќе се осипува, исто како одметнатиот „октет“ што гласаше за уставните измени во парламентот.

Дипл. економист Рубинчо В. Јованоски
Авторот е новинар и поранешен одбојкарски судија