Во ревијалниот дел на последната фестивалска вечер настапија групите „Балканика“, „Колонија“ и Ален Исламовиќ

Во Охрид на 6, 7 и 8 септември, на платото пред хотелот „Ривиера“, се одржа јубилејното 25-то издание на интернационалниот фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“. Околу 70 фолк и пејачи на забавна музика настапија на трите фестивалски вечери, а фестивалот на својата програма го пренесуваше МРТ, како и десетина телевизии од регионот.
Шармантните водители Васил Зафирчев и Маријана Станојковска зборувајќи за изминатите 25 фестивалски години, нѐ потсетија дека на фестивалската сцена настапиле најдобрите македонски и интерпретатори од регионот: Маја Оџаклиевска, Биба Додева, Даниел Кајмаковски, Ѓоко Таневски, Мики Јовановски Џафер, „Силви бенд“, Калипои, Елена Петреска, Сашо Гигов-Гиш, Даниела Панчетовиќ, Адријан Гаџа, Зафир Хаџиманов, Ристо Самарџиев, „Нокаут“, „Куку леле“ и многу други.

За жал, некои од нив веќе ги нема: Гоце Арнаудов, Мики Јевремовиќ, Владимир Савчиќ Чоби, Тоше Проески и Влатко Илиевски, а неодамна нѐ напушти и Тихомир Бачовски, долгогодишен режисер на фестивалот „Охридски трубадури“.

Беа доделени и награди од стручното жири и од публиката, чии претставници гласаа според евровизискиот принцип.

Севкупен победник на последната интернационална вечер, со освоени први места од жирито и од публиката, е групата „Балканика“ од Србија, која настапи со песната „Нова деца“, мелодија со која бендот настапи и на годинашната „Евровизија 2018“, што се одржа во мај во Лисабон.

Второто место го освои групата „Колонија“ од Хрватска за песната „Зумбули“, а трети беа трио „Џентлменс“ со песната „Убавина“. Наградата за најдобра интерпретација му припадна на Ален Исламовиќ, кој ја исполни „Тамо далеко“, за најдобар дебитант е прогласена Силвија Јунг, а Ели Малај доби награда за сценски настап. Специјална благодарница му беше доделена на Тончи Хуљиќ за популаризација на забавната музика на Балканот.

Во ревијалниот дел со по две песни настапија групите „Балканика“, „Колонија“ и Ален Исламовиќ.

На поп-вечерта првата награда од жирито ѝ припадна на песната „Без тебе“, која ја исполни Филип Јордановски, додека првото место од публиката го освои мелодијата „Дојди или оди си“, која ја слушнавме во изведба на Лена. Со своја шоу-програма се претстави познатиот бизнисмен и пејач Трифун Костовски.

На првата фолк-вечер првата награда од жирито ѝ припадна на пејачката Леа, која ја отпеа песната „Откако те нема“, додека публиката најмногу гласови даде за „Спомен љубов“, во интерпретација на Милован Секуловски.

Со своите најдобри песни се претстави легендарната пејачка Нада Обриќ, која на фестивалот го промовира тројниот албум со нејзини 50 најголеми хитови, што го издаде „Југотон“.