Грузија и Украина приоритет на агендата на НАТО

Дали патот за прием на Украина и на Грузија во НАТО навистина води преку Русија, ако се знае дека меѓу Москва и двете бивши советски републики постојат низа нерешени економско-политички, етнички и територијални прашања, кои ако не се решат по мирен пат и на компромисен начин, секогаш ќе претставуваат пречка за остварување на големиот „источен сон“ на НАТО

Стратегиска цел на НАТО и една од најважните компоненти на доктрината за развој на организацијата, во целокупната 70-годишна историја на нејзиното постоење, претставува политиката на проширувањето, односно приемот на нови земји-членки во Алијансата, според строго утврдените норми, принципи и услови пропишани со актите, документите и статутот на Алијансата. За волја на вистината не може да се оспори и тврдењето дека не секогаш овој принцип во практичното однесување на Алијансата бил докрај почитуван и применуван.

Постојат случаи кога организацијата соочена со некои свои „виши“ надворешни политички потреби и интереси го пренабрегнувала и носела и компромисни решенија, примајќи во своите редови нови земји-членки, кои докрај не ги исполнувале строго пропишаните норми и правила. Тоа го оправдува заклучокот дека чинот на прифаќањето нови земји-членки во Алијансата претставува репер и своевиден политички барометар на одредени глобални геостратегиски поместувања во меѓународните односи во Европа, но и во светот, главно на некогашната идеолошка трансверзала Исток – Запад.

Така, на пример, ако во периодот од 1949 година до почетокот на 1980 година кон НАТО се присоединиле само четири земји, Грција и Турција во 1952, Германија во 1955 и Шпанија во 1982 година, во 1991 година, како реакција на постојната воено-политичка ситуација по падот на комунизмот во Европа, земјите-членки на НАТО, заедно со некогашните бивши земји-членки на веќе расформираниот Варшавски договор, ја создадоа институцијата Совет на Северноатлантската соработка. Оваа иницијатива беше продолжена во 1994 година со создавањето на системот Партнерство за мир, по што земјите-членки на ССАС и ОБСЕ беа поканети да учествуваат во дијалогот за „зацврстување на довербата“ во Европа. Веќе во 1999 година, со таканареченото историско „четврто проширување на НАТО“, нејзини нови земји-членки станаа Унгарија, Полска, и Чешка, поранешни членки на Варшавскиот договор, а веќе во 2004 година истиот статус го стекнаа и другите земји од Источниот блок: Бугарија, Романија и Словачка. Набргу кон Алијансата се приклучија и Литванија, Словенија и Естонија. Не секогаш и не целосно условите за членство во Алијансата од страна на некои од овие бивши комунистички земји беа докрај исполнети и задоволени, но тие сепак станаа земји-членки на организацијата.

Паралелно со зголемувањето на бројот на земјите-учеснички од Источна Европа во НАТО и подемот на неговата улога во процесот за создавање ново „европско општество“, во 1997 година беше создаден Постојаниот заеднички Совет НАТО – Русија. Целта на неговото создавање беше воспоставувањето соработка и остварување консултации меѓу двата партнера во сферата на спречувањето конфликти, миротворни активности, безбедносна политика, како и соработка во други области од заемен интерес. Веќе немаше никакви сомневање дека новата стратегија на НАТО е заснована врз доктрината „проширување на Исток“. Последично, настан што во голема мера ќе ги редефинира односите меѓу НАТО и Руската Федерација, кои по завршувањето на Студената војна бележеа одредена криза и стагнација, по краткиот детант, беше потпишувањето на договорот НАТО – Украина во 1997 година.

Кризата во односите меѓу НАТО и Руската Федерација, особено почна да се продлабочува кога по настаните во првата деценија од 21 век, по таканаречената „Портокалова револуција“ во Украина и „Мајданот“ на централниот плоштад во нејзиниот главен град Киев, влијанието и мешањето од страна во внатрешните работи во оваа земја и од Запад и на Русија, драматично се засили. Тоа својот врв го достигна со присоединувањето на полуостровот Крим кон територијата на Руската Федерација и почетокот на воените дејства во областа Приднестровје. Токму овие настани, кои неуспешно веќе неколку години се обидуваат да ги решат спротивставените страни, се појдовната точка, од која некогашниот генерален секретар на НАТО и дански премиер, Расмусен, овој пат во својство на надворешнополитички советник на доскорашниот, а можеби и иден претседател на Украина, Порошенко, ги извлекува своите тези дека патот на прием на Украина и на Грузија во членството на НАТО, води преку Русија, залагајќи се за поенергична и поконзистентна политика на Брисел во однос на Кремљ, па дури и заострување на веќе постојните политички и економски санкции на Запад кон оваа земја. Но прашање е дали е тоа вистинскиот начин и најисправниот приод да се тргне Русија од патот на Украина и на Грузија до НАТО, кога е општо познато дека меѓу Руската Федерација и овие две некогашни советски републики, постојат низа нерешени економско-политички, етнички и територијални прашања, кои доколку не се решат по мирен пат и на компромисен начин, секогаш ќе претставуваат потенцијална пречка големиот „источен сон“ на НАТО да не се оствари. Уште повеќе што овој геостратегиски проблем ја крие во себе и опасната закана за вкупниот светскиот мир и безбедност.