Дека уметноста дава можности да се изразат сопствените ставови и мислења потврди ученичката Николинка Глигорова од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци, која го освои првото место на меѓународната детска изложба на тема „Флора и фауна – извор на животот и убавината“, под менторство на наставничката Ива Јосифова. Нејзината ликовна творба предупредува дека водата е основен извор на живот, таа дише и не треба да ја загадуваме со фрлање отпадоци.

Ученичката Јана Грозданова, пак, е добитничка на третата награда на ликовниот конкурс на тема „Рацин вчера, денес и утре“, во рамките на 51-те Детски Рацинови средби. Деновиве на литературниот и ликовен конкурс од регионален карактер за учениците од Кавадарци, Неготино и Росоман, на тема „Стоп за насилството помеѓу учениците“, организиран во соработка со инспекторот Диме Каракулев од ПС-ОН Кавадарци, по повод 9 Декември, Денот на превенцијата во МВР од ова училиште беа наградени ученичките: Јана Грозданова, Ларита Василова и Лусија Колева, сите под менторство на наставничката Ива Јосифова.