Барселона за францускиот напаѓач ќе му плати на Атлетико 120 милиони евра

Барселона го ангажира францускиот напаѓач Антоан Гризман од ривалот од шпанската Ла лига, Атлетико, откако ја плати откупната клаузула од 120 милиони евра. Гризман (28), победникот на Светското првенство (СП) во 2018-та во Русија, потпиша петгодишен договор, кој вклучува откупна клаузула од 800 милиони евра! Со оваа зделка Гризман стана шестиот најскап фудбалер во светот, по Нејмар, Килијан Мбапе, Филипе Кутињо, Жоао Феликс и Осман Дембеле.
Гризман стана четвртото засилување на Барса летово, по ангажирањето на играчот од средниот ред, Френки де Јонг од Ајакс, голманот Нето од Валенсија и одбранбениот играч Емерсон од бразилскиот Атлетико МГ. Барса летово веќе потроши 233 милиони евра за нови играчи.

Трансферот на Гризман значи дека три од 10-те најскапи трансфери на сите времиња се случиле ова лето. Претходно Атлетико потроши 126 милиони евра за младиот 19-годишен напаѓач, Португалецот Жоао Феликс од Бенфика.

Кралскиот клуб, 13-кратниот европски шампион, кој заврши на третото место во шпанската лига минатата сезона, летово потроши над 300 милиони евра за нови засилувања. Најпрвин Реал го ангажира Белгиецот Еден Азар од Челси во јуни, за сума што би можела да надмине и 150 милиони евра. Потоа ги доведоа младиот српски напаѓач Лука Јовиќ (21) од Ајнтрахт Франкфурт за 60 милиони евра, левиот бек Ферлан Менди од Лион за 52,5, центархалфот на Порто, Едер Милитао за 47,5 и бразилскиот напаѓач Родриго, кој дојде од Сантос за 44,5 милиони евра.

Покрај овие трансфери, во најава е уште една бомба, односно враќањето на Бразилецот Нејмар на „Ноу камп“, по две сезони минати во ПСЖ. Во целата зделка наводно е вклучен уште еден Бразилец, Филипе Кутињо. За него Барса на Ливерпул во јануари 2018-та му плати над 130 милиони евра, но тој не одигра на посакуваното ниво и сега, како што тврди неговиот агент, без нивно знаење се подготвува трампа за Нејмар. На сите шпекулации се придодаде и Нејмар, објавувајќи видео на Инстаграм во кое носи дрес на Барса!