Претседателот на Заедницата на повратници од Осиечко-барањската жупанија, Бранко Пек, најави поднесување тужба против Србија поради добивање надомест на воена штета што ја претрпеле во татковинската војна. Хрватските граѓани барањето за отштета го темелат на два меѓународни договора за Источна Славонија, Барања и Западен Срем и на договорот за нормализација на односите меѓу Република Хрватска и Сојузна Република Југославија, чиј наследник е Република Србија.

– Второто наше барање е воените злосторници, за кои имаме и листа на имиња, а кои 20 години слободно шетаат низ Хрватска, конечно да се најдат пред лицето на правдата. Ова им го должиме на нашите жртви – изјави Пек на 11-та конференција на Заедницата на повратници од Осиечко-барањската жупанија.

Претседателот на Заедницата на повратници на Хрватска, Јосип Компановиќ, рече дека, според информацијата на Државната комисија за попис и процена на воената штета, вкупната штета изнесува 236 милијарди куни, од нив 45 милијарди куни се однесуваат на штетата што ја претрпеле граѓаните од воените региони и некогашните окупирани територии.

– Бидејќи никој не презел ништо досега, ние постапуваме во две насоки. Доставивме нацрт-закон за надомест на воена штета до Министерството за правосудство на РХ, а, од друга страна, подготвуваме тужба за заштита на колективните права и интереси на настраданите во Татковинската војна. Најдоцна до крајот на годинава, заедницата на повратници на Хрватска ќе поднесе тужба против Србија, и тоа за делот на штетата што ја претрпеа граѓаните – најави Компановиќ.