Фото: Игор Бансколиев

Одлуката секој граѓанин на референдумот да постапи според сопственото убедување наиде на различни оцени кај стручната јавноста. Според некои, таа е бегање од одговорност и немање став, додека други ја толкуваат и како чист повик за бојкот

Нашата татковина е пред крстопат и ова се историски одлуки. Треба да се каже дека со прифатеното досега Владата ги сруши сите преговарачки позиции градени досега. Донесовме одлука секој граѓанин на референдумот да постапи според сопственото убедување. Вие најдобро знаете што треба да направите, да ги слушнете вашето срце и разум. Ова доцна завчера го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција од седиштето на партијата на која по неколкучасовните состаноци на извршниот и на централниот комитет, опозициската партија излезе и ѝ се обрати на јавноста околу ставот на партијата за закажаниот референдум за крајот на месецот.

Лидерот на најголемата опозициска партија неколкупати во своето излагање истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е против договорот од Преспа, бидејќи со него, како што кажа се уриваат сите принципи и позициите што долго се граделе. Посебно затоа што со него се менува Уставот, што е против ставовите на партијата.

– Договорот за името не го прифаќаме. Ние сме против овој договор оти се менува Уставот на Македонија, националниот идентитет, патните исправи, личниот идентитет. Се прифаќа ревидирање на културата. Сето ова е спротивно со нашите ставови. Тоа јас нема да го правам оти е неодговорно. Со овој договор исчезнуваат резолуцијата на ОН и Хашката пресуда – изјави тој.

Мицковски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ и за НАТО, но е силно против спогодбата со Грција, бидејќи таа не ги одразувала интересите на Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ е за членство во НАТО и во ЕУ, тоа се нашите пријатели и партнери. Ние сме силно против договорот, оти не ги одразува интересите на Република Македонија – појасни лидерот на опозициската партија.

Мицковски во својот говор пред нацијата ги повика и институциите да одговорат зошто не реагирале за прерано почнатата кампања за референдумот, но исто така го повика и премиерот Зоран Заев на нов дуел, на кој ќе дебатираат за договорот, за неговата суштина.

– Референдумското прашање е повеќезначно. Свесно одбраа прашања дали сте за членство за ЕУ и за НАТО со прифаќање на договорот од Грција за да ги збунат граѓаните. Сакам да бидам реален и искрен. Македонија се наоѓа во тешка и деликатна ситуација доведена од луѓе водени за својот личен интерес. Тешката позиција ја споделуваат сите граѓани. На власт дојде влада, која нема никакви резултати. Нема напредок. Секојдневно се случуваат корупциски афери, стипендии за одбрани студенти, но не и за најдобрите, учебна година без нови учебници. Поради ваквата недемократска власт многу луѓе се самоцензурираат. Почна лов на јавно искажан збор. Ако не се багерите да газат, тука е полицијата да малтретира. Македонија ни е во интерес и никој друг. Има работи за кои сме подготвени да платиме висока цена но има работи за кои нема да платиме никаква цена – истакна Мицковски.

Лидерот на опозицијата ѝ порача на власта да не ја лаже јавноста со слогани „сега или никогаш“ и го повика премиерот Зоран Заев на дебата, на ТВ-дуел оти, како што рече Мицкоски, има многу корупција и скандали што треба да им се разјаснат на граѓани.


Реакции во јавноста по обелоденување на ставот на ВМРО-ДПМНЕ

Ставот на најголемата опозициска партија во врска со референдумот наиде на различен одглас во јавноста. Професорката Билјана Ванковска на својот фејсбук-профил напиша дека некои прашања не заслужуваат одговор.
– Без оглед што кажал или не кажал Мицковски, некои прашања не заслужуваат излегување на референдум. ДПМНЕ нека калкулира, ВМРО мора да си ја исполни историската мисија: спречување на обезличувањето на Илинден и АСНОМ, заедно со 8 Септември! Сега сме сите Македонија, сите сме ВМРО без ДПМНЕ! – напиша Ванковска. Професорот и амбасадор, Ѓорги Спасов, коментирајќи ја одлуката „секој да постапи според своето убедување“, прашува: „А има ли Мицкоски како водач свое лично убедување?“
– Можно ли е да каже како тој лично ќе постапи за време на референдумот според тоа убедување (…) Вечерва тој кажа: „Што и да се случи на референдумот, јас за тоа немам каква било одговорност. Јас ќе ја почитувам волјата на народот. Со други зборови: Јас следам. Јас не водам“ – заклучува Спасов. Познавачот на политичките состојби Александар Пандов, кој важи за критичар на актуелната власт, смета дека тоа е повик за бојкот.
– Само глув човек вечерва не слушна и слеп човек не виде кристално чист повик за бојкот. Браво ВМРО – напиша Пандов. Во исто време претставниците на меѓународната заедница, кои деновиве интензивно доаѓаат во Македонија, сите без исклучок, пак, повикуваат да се излезе на референдумот.


Потпретседателот Митко Јанчев не се согласува со одлуката

По одлуката на ВМРО-ДПМНЕ секој граѓанин на референдумот да постапи според сопственото убедување, потпретседателот на истата партија Митко Јанчев излезе во јавноста со изјава дека тој не се согласува со конечната одлука на ВМРО-ДПМНЕ. Јанчев во изјава за домашните медиуми вели дека тој лично гласал за излегување на референдумот.
– Не се согласувам со одлуката на партијата во однос на референдумот. Јас сметам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го повика членството да излезе на референдумот на 30 септември и секој сам да одлучи за својот глас, „за“ или „против“ – изјави Јанчев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ за домашните медиуми. Јанчев објаснува дека тој завчера не присуствувал на седницата на извршниот комитет на партијата и дека гласал телефонски.
– Колку што знам, само јас бев против ставот на партијата граѓаните, членството, сами да одлучат како ќе постапат на 30 септември. Јас сметам дека ВМРО-ДПМНЕ мора да има прецизен став, за бојкот или за излегување на референдумот. Вака топло-ладно не ѝ личи на партијата – додава Јанчев.