Новиот анимиран филм од трилогијата „Кружно патување“, со наслов „Кружно патување на монахот“, во режија на Жарко Иванов, викендов ја освои наградата за најдобар анимиран филм на „Балкан филм фуд фестивал“ во Поградец, Албанија. По светската премиера на филмот во Билбао на фестивалот за анимиран филм „Анимаком“, во август ќе биде прикажан на еден од најважните светски фестивали за анимиран филм, 17-от „Хирошима анимејшн фестивал“ во програмата „Анимации од светот“.

Приказната за монахот фрескописец од Заум, домашната премиера ќе ја има во Охрид на новиот „Бич филм фестивал“ (19-22 јули). Филмот е работен во традиционална техника на анимирање, цртеж со молив на хартија, а за него беа направени повеќе од 15.000 цртежи. Сценариото го напишаа Жарко Иванов и Александар Прокопиев.