Фото: Каролина Мицевска

Во Џенова има 42 палати заштитени од УНЕСКО, кои се сметаат за дел од светското културно наследство

Џенова, градот што се наоѓа во северозападниот дел на Италија, е расположен во Џеновскиот Залив, на брегот на Лигурско Море. Се смета за еден од најважните економски центри во државата и е шести по големина италијански град. Исто така, Џенова е големо пристаниште и бродоградилиште, кое датира од 19 век. Град во кој се родени морепловецот Кристофер Колумбо и виолинистот Никола Паганини, а неговата историја е стара илјадници години.
Во посета на Џенова стигнавме во недела, па иако не беше работен ден, беше доста раздвижено. Автобусот, со околу 50 патници од Прилеп и од неколку други градови од Македонија, се паркира покрај пристаништето, во непосредна близина на аквариумот, и ја почнавме нашата прошетка низ овој туристички бисер полн со убави палати, плоштади, цркви…

Најпрво го овековечуваме нашиот престој пред бродот со кој пловел Кристофер Колумбо, а потоа посетивме еден од најубавите аквариуми во Европа, изграден во 1992 година. Има шест милиони литри вода и во него живеат над 400 вида животни. Имавме можност да погледнеме и 3Д-филм за ајкулите.
Продолживме кон стариот дел од градот, полн со знаменитости што пленат со својата убавина и раскош. Стариот дел е заштитен и од УНЕСКО. Во 16 век тука се изградени палатите на најбогатите фамилии во маниристички стил. Се искачивме по тесните улички и стигнеме до првиот плоштад, каде што се наоѓа Дуждевата палата, сега Музеј со галерија, интересни ресторани, музеј на џезот…Тука е и пазарот „Матеоти“, каде вештите трговци нудат многубројни производи. Кралската палата исто така е еден од спомениците што вреди да се посетат. Изградена е во 17 век, а во неа престојувало семејството Савој при многубројните посети на градот. Сега во оваа градба-музеј се наоѓа и кралскиот трон, како и просторијата со огледала.

Потоа, продолживме кон плоштадот „Ферари“ и палатата „Виа Гарибалди“. Тука има вкупно 42 палати заштитени од УНЕСКО, кои се дел од светското културно наследство. Тука се Белата палата, Црвената и многуте други, во кои има музеи со вредни колекции на италијанските сликари. Особено плени фонтаната со сиот свој раскош и убавина, како и театарот „Карло Феличе“ и споменикот на Гарибалди на коњ.

Куќата на славниот морепловец

Малку одмор да се почувствува ладот од фонтаната, пред која неминовно се создаваат нови фотографии за спомен, па продолжуваме со прошетката.
Се упатуваме угоре, кон портата „Сопрана“ и куќата на Кристофер Колумбо. Неизбежно е да се посети местото каде што е роден славниот морепловец, која своевремено била запалена, но во 17 век била изградена нејзина реплика, која сега е претворена во музеј. Во близината се и остатоците од манастирот „Св. Андреа“.
Повторно минуваме под портата „Сопрана“, една од многуте во Џенова, и се упатуваме кон катедралата „Св. Лоренцо“, убаво здание осветено во 1118 година, изградено во готски стил. Плени со својата мермерна фасада во бело-црна комбинација. Во внатрешноста на катедралата ќе ве воодушеват многубројни експонати, меѓу кои и сликата на Страшниот суд насликана во 14 век од непознат византиски сликар.

Затворот во кој бил затворен Марко Поло

Во Џенова треба да се посетат и Трговската палата, која во минатото била затвор каде што бил затворен морепловецот Марко Поло, Музејот на реткости, каде што се чуваат вредни експонати, како Светиот грал и дел од крстот на кој бил распнат Исус Христос. Задолжително треба да се влезе и во Музејот на морето во кој се чуваат оригинални апарати за навигација и разни модели на бродови, а од современите објекти вреди да се види и Стаклената топка, дизајнирана во поддршка на самитот Д8, одржан во Џенова во 2001 година.
Плени исто така и Светилникот од 13 век, висок 77 метри, а карпата на која е изграден е висока 40 метри. Светлината се гледа во далечина од 50 километри. Тука е сместен Музејот на разни леќи и ламби.

И кога ќе заврши прошетката, неизбежно е да се посети некоја од продавниците за сувенири, како и многубројните ресторани, да се вкуси италијанска храна (гулаш со артичока, многубројни специјалитети од риба…), но и да се проба неизбежниот колач панетоне или џелато-сладолед. Во Џенова е убаво и да се летува, бидејќи летата овде се топли со просечна температура од 24 степени. И во самиот град можете да се искапете, но вистинските пливачи треба да ги посетат плажите кај Нерви, Квинта и Кватри, или пак Параџи, која е оддалечена 33 километри од градот. Доколку, пак, сакате да шопингувате во Џенова, неизбежно прошетајте по улицата Виа 20 септември, каде што има избор на одлични бутици со пристојни цени, но и брендирани продавници. Прошетката во Џенова секако е убава и во вечерните часови, со визита на многубројните кафулиња, барови и клубови.