Гоце Делчев

Пишува: Блаже Миневски

Во спомените објавени педесет и пет години по неговата смрт во Скопје, војводата Никола Петров Русински, близок соработник на Гоце Делчев и учесник во Илинденското востание, кој починал во февруари 1943 година, меѓу другото сведочи за случај кога од страна на селаните бил фатен еден од предавниците на македонското дело, а тој, како војвода, требало да го спроведе до главниот револуционерен суд со кој раководел Делчев: „Да го убиеме? Тоа и тие самите, без мене, можат да го сторат. Што треба да се направи… Целта ми беше да ги убедам да го одведам пред револуционерниот суд, каде што го чекаше Гоце Делчев… Испратив извештај до Окружниот револуционерен комитет дека дојдов од Охрид со Горанов и дека треба да дојдат и да го земат. Дојдоа двајца комити и ноќта го одведоа при Делчев. Сите докази на Охридската организација му беа дадени на Окружниот револуционерен комитет. Врз основа на тие докази револуционерниот суд донесе пресуда…“

Шпионажата и предавството – најтешки дела!

И пред тоа, за време на Кресненското востание, секој што ќе се фател или ќе се дознаело дека е шпион се казнувал со смрт. Тоа го пишува во Уставот на македонското востание од 1878 година. Според д-р Милка Ристова, судија на Врховниот суд на Македонија во пензија, овој став на Уставот уште појасно е изразен во членот 14, кој пропишува: „Секој предавник или шпион, каков и да е и од каде и да е, ќе се гони и откако ќе се фати, по извршената истрага со мачење, ќе се убива.“ Во својата книга „Кривичното правосудство во Македонија 1878-1912 година“ судијката пишува за почетоците на поновата државноправна историја на македонскиот народ, кога една од најчесто пропишуваните казни во кривичноправните одредби од документите на македонските револуционерни организации е смртната казна. Смртната казна за шпиони се извршувала така што шпионот се убивал, но со смртна казна се санкционирало и секое „преговарање со непријателот и неовластено донесување одлука за предавање на востаниците“, а казната врз сторителот се извршувала „јавно пред селото“. И во Уставите и правилниците на Македонската револуционерна организација од 1893/94 година како најтешки казниви поведенија се сметале дејствата на шпионажа и предавство, за кои е пропишана смртна казна.
Во студијата на академик Александар Христов, објавена во Скопје во 1951 година, во тираж од 3.000 примероци, стои дека Македонската револуционерна организација, заедно со формирањето на првите чети, започнала и со организирање на своите револуционерни правосудни органи: „Револуционерното судство на ВМРО најпрво му е доверено на војводата. Тој суди за сите кривични дела, решава одделни спорови и донесува пресуди. При вршењето на правосудните функции, војводата не постапува според некои утврдени процесни правни начела, но, сепак, е должен да води доказна постапка, односно да собира и да ги проверува доказите и да врши извидување. Откако ќе ги собере фактите, а народот учествува и во собирање на фактите и во самиот судски процес, донесените пресуди од страна на војводата народот ги прима како правични, па затоа сѐ почесто се обраќа кон него за решавање на споровите.“ По правило, секоја смртна казна му се соопштувала на народот на јавни собири. Доколку не можело да се направи тоа, тогаш при донесувањето на пресудите се повикувале поголем број селани од блиските села на местото каде што се води судскиот процес и во нивно присуство се донесувала пресудата. Според Христов, оваа процесна форма е практикувана особено при донесувањето пресуди за познати народни непријатели, шпиони и злосторници.

„Револуционерните судови суделе во состав од три до пет члена. Мемоарските и други документи од тоа време потврдуваат дека разгледувањето на судските предмети и спорови е една од важните функции на организацијата. Војводата, покрај своите организациско-агитациски работи, кои мора да ги врши на теренот, задолжен е и за определени судски функции. Во првите неколку години на дваесеттиот век се изградува цел систем на казни, а најтешка казна е смртната казна. Вакви казни судовите изрекуваат во сите тешки случаи на издавање тајни на организацијата, предавање чети на турската власт, за блуд со Турчин или Турчинка, а во некои случаи и за извршена кражба. И во востаничкиот дисциплински устав, донесен на Смилевскиот конгрес во 1903 година, биле утврдени неколку степени на кривични дела и казни: смртна казна, разобличување пред четата, обезоружување, префрлање во друга чета, укор, сменување од должност и слично. Смртната казна можела да биде извршена со стрелање или со бесење, а се изрекувала во случај на предавство на татковината извршена од востаник. Казна се применувала и над војводата што ќе му се предадел на непријателот сам или со четата“, пишува академик Александар Христов во студијата за системот на правосудство во дејствување на ВМРО.

Подоцна, по Балканските војни, но и по Првата светска војна, кога Тодор Александров станува лидер на организацијата, судењата и судските процеси остануваат составен дел на револуционерната борба. Во јуни 1921 година, на пример, ЦК на ВМРО до сите околиски комитетски, селски одбори и нелегални групи на организацијата испраќа инструкции за дејствување на теренот. Тоа строгодоверливо писмо почнува со дефинирање на државата „Автономна Македонија, независна од балканските држави“, а следниот пасус се однесува на средствата што ќе се користат за да се стигне до автономија, односно преку „создавање тајна, моќна, недофатлива револуционерна организација, неранлива за непријателите и поробувачите на Македонија, која ќе работи на сите можни начини за постигнување автономна Македонија.“ Судските пресуди на организацијата се движеле од укор, ќотек од 20 до 50 стапа, глоба од 5 до 10 лири или динари, драхми или левови до смртни пресуди за докажани престапи – предавство, убиство на невин човек, разбојништво и разврат со силување.

Македонската револуционерна организацијата имала и свои судови за таканаречени дела од неорганизациски карактер, како што се спорови за наследство, за меѓи и други приватни тужби, кои се разгледувале од арбитражни, помирителни комисии од по две до три лица, предложени од секоја страна во спорот. Во меѓувреме, Централниот комитет на ВМРО испраќа и тајно циркуларно писмо до раководителите на окрузите на ВМРО со две „таблици за казните што организациските судови можат да ги применуваат врз огрешените организациски членови и раководни лица, но и врз престапниците надвор од организацијата“. Во образложенијата на казните стои објаснувањето дека „ќотек се применува само за оние што не се разбираат од збор и кои не би можеле да се подобрат со некоја од другите видови казна“, а „смртна казна се наредува секогаш од страна на суд со пресуда, потврдена од член на Централниот комитет, од раководителите на окрузите или од нивните специјални полномошници“. Во овој своевиден „казнен законик“ на организацијата биле предвидени и санкции за „навредливи зборови, пцости и подигрувања“.

Таблица за пропишаните казни со потпис на Тодор Александров

Во Таблицата со пропишани казни со потпис на Тодор Александров, која била основен документ за одредување на казните што морал да ја знае секој војвода, има 18 глави и секоја глава има по неколку параграфи што ги прецизираат постапките и соодветните казни за секој степен од делата што се извршени. Првиот член гласи: „Шпионство или издавање тајни на организацијата на противници се казнува со смрт“. Смртна казна била предвидена и за разбојништво, но и за шверцерство, при што се конфискувала и запленетата стока во полза на организацијата. Смртна казна била предвидена и за оние што ќе работат на пропаганда за расцепување на организацијата, како и во случај доколку активен член на организацијата заспие на стража, а притоа има жртви или голема материјална штета предизвикана од неговото неодговорно однесување. Според таблицата на ВМРО, за сите казни, освен смртната, се разбира, казната се дуплирала ако се повтори делото, но за оние што по третпат ќе направеле исто дело, казната била смрт без право на жалба.

Во времето кога Гоце Делчев бил жив, тој би најголем авторитет и во оваа сфера на дејствување на револуционерната организација, во областа на „правосудството“. Според сведоштво на војводата Славејко Арсов во „Кономлади, Костурско, Делчев им беше дал слобода на сите селани да се жалат пред него за сите неволји, дури и против четата… Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советуваше со раководителите и даваше заклучоци, им се соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваа помирувања итн. По шест дена се одржа општо собрание од целото село, во црквата… им се покажа еден нов ред: им се забрануваше да се судат пред турски судови, се забрануваа кражби, блуд, пијанство, се наложуваше послушност спрема селското управно тело… Сѐ усно, не беше напишано во Уставот. Се наредуваше да се чува во тајна што станало во селото и да не се зборува во друго село, ниту да се распрашува. Сето тоа: чета, општо собрание, суд, за мене беше ново… Од Лерин ни пишаа и ни ги посочија предавниците, а ние се помачивме и фативме два-тројца од с. Борешница, меѓу кои и еден учител по име Петар… Го одведовме на Ниџе Планина, кај попадиските трла, и таму пресудивме.. И другите се покажаа како непокорни злоупотребувачи и убијци. Признаа, пресудата им се прочита пред дваесетина селани од Попадија и беа казнети на една месност – Маркови Кули… Имаше и накажување со тепање, ако некој не сака да го исполни решението…“, пишува војводата во своите спомени.

И војводата Пандо Кљашев има оставено писмено сведоштво дека Делчев се зафатил да ги исправи работите во Кономлади: „Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото – кражбите, блудничењето… Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на организацијата. „Поголем од него нема“. Делчев ги викна селаните што имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на некого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое присуство и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков, тогашен битолски раководител, спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди, кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко имаше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше – најголемото дело за еден час…“, забележал во своите спомени војводата Пандо Кљашев.


Македонските судови од ВМРО до КПМ!

Првата етапа од развојот на правосудниот систем во Македонија започнува со правосудството на Македонската револуционерна организација, како дел од структурата на организацијата и како судска институција преку која се остварувале организациската власт и законодавството на дел од територијата на Отоманската Империја. Првите напори за создавање граѓански суд потекнуваат од правилникот донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година, а првите редовни цивилни судови во Македонија биле формирани со одлука на Второто заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година. На 20 октомври 1944 година е донесено решение на Президиумот на АСНОМ, со кое се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија судењата ќе се вршат во рамките на народноослободителните одбори. Следната година, на 31 март 1945 година, биле донесени повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и решението на АСНОМ за создавање Суд за судење престапи против македонската национална чест. Со повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови, со седишта во Скопје, Штип и во Битола, и Врховен суд, со седиште во Скопје.